Унгарија ќе го решава проблемот со ѓубрето во Неготино: Сто нови контејнери за неготинчани!

by Fokus
Општина Неготино наскоро ќе добие 100 нови контеjнери за ѓубре, кои се очекуваат да пристигнат во градот и да бидат ставени во функција, откако е потпишан договор за нивно обезбедување со Амбасадата на Унгарија во Македонија.

Покрај тоа, деновиве општината добила 20 контејнери, од кои десет се за собирање на пластика и лименки, а десет за хартија. Тие биле набавени како резултат на соработката помеѓу општината и компанијата Пакомак. Во изминативе години неготинчани во повеќе наврати се жалеа поради контејнерите, кои се без капаци (им биле отстранети бидејќи возилото на ЈП Комуналец кое ги празни имало технички проблем и не можело да ги подига со капаците), па така целото ѓубре беше оставено на ачик.

Исто така, граѓаните реагираа и поради нередовното празнење на контејнерите, но и поради тоа што само се празнеле, но никогаш не се миеле и во нив останувале течности поради кои се ширела неподнослива реа, посебно во летниот период. Бараа да се постават подземни контејнери, а најавуваа и петиции за преместување на отворените контејнери од нивните улици, на кои гледаа како на потенцијален извор на зарази.

В.К.

Поврзани новости