Петровски до Мицковски: Да кажеш дека сакаш да учиш од Ахмети е еднакво на самоубивство

by Fokus

Поранешниот фунцкионер на ВМРО-ДПМНЕ, Филип Петровски, реагираше кон вчерашниот настап на лидерот на ДПМНЕ Христијан Мицковски, кој на телевизијата Канал 5 рече дека има што да научи од лидерот на ДУИ Али Ахмети, со кого утре треба да остварат средба.

„Да кажеш дека сакаш да учиш од Али Ахмети е еднакво на самоубивство. Тој е терорист кој што со војна ја промени суштината на Македонија. Човек што никогаш не одговараше за исчезнатите Македонци. Човек кој по налог ја соблече униформата со која освојуваше и етнички чистеше територии. Човек што ги набрка моите браќа Македонци од Арачиново, Матејче и стотици други населени места. Под негово водство, се уништуваа и дигаа во воздух цркви. Најсетне, никогаш не проговорил на македонски јазик. За да учиш од него прво треба да научиш албански. Дали е тоа пораката што вчера сакаше да ни ја прати октроираниот Мицкоски?“, напиша Петровски на неговиот фејсбук профил.

Во продолжение, тој додава дека е загрижен и уплашен за иднината на партијата, која, според него, Мицковски ја урнисува со тоа што му се додворува на воен злосторник како Ахмети.

„Ова е манифестирање на невиден дилентантизам кој може само да произлезе од празната форма која вие вешто ја криете. Но, да беше во прашање катедра на која ќе упропастите некои студенти ќе речев нека му мисли деканот. Вака, со упропастување на ВМРО, велам дека македонскиот народ треба сериозно да се замисли. Да ви кажам како треба да направите. Оти менторите или лошо ве учат или ве фрлиле во оган знаејќи дека ќе изгорите. Треба да ја направите ВМРО силна и да ја приближите кон Македонците. Просто. Со доверба и без лажење. Без глумење интергалактичка интелигенција. За математика има дигитрони. За политика ви треба искуство, цврстина и над се патриотизам и љубов кон Македонија. Таа лекција ви е прескокната. Се гледа од авион. Затоа паѓате. Паѓате во слободен пад“, пишува Петровски, кој за време на владеењето на Љубчо Георгиевски беше пратеник и конзул во Њујорк, а кога премиер беше Никола Груевски тој беше директор на Градската библиотека и Државниот архив.

Поврзани новости