Михаил Подољак, советник на шефот на кабинетот на претседателот на Украина, за Би-Би-Си изјави дека од 100 до 200 украински војници умираат секој ден во војната. Според Подољак, една од главните причини за големиот број жртви е недостатокот на паритет меѓу украинските и руските воени капацитети.
Претставникот на претседателскиот кабинет смета дека на Украина ѝ се потребни „стотици најмоќни артилериски системи“ кои западните земји можат да ги обезбедат и до 300 ракетни системи за да се постигне паритет со огнената моќ на Русија и да се ослободат окупираните територии.
Според Би-Би-Си, информациите на Михаил Подољак за смртта на 100-200 украински војници дневно се максималниот број дневни загуби што го пријавиле украинските власти од почетокот на војната.
На 1 јуни, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека секој ден 60-100 украински војници гинат на бојното поле, а околу 500 луѓе се повредени.
Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников на 9 јуни изјави дека во Донбас секој ден умираат до 100 луѓе, а се повредени до 500 луѓе.
Украина и Русија не известуваат за жртви меѓу нивната војска на тековна основа.
Министерството за одбрана на Руската Федерација двапати обелодени вакви податоци, последен пат на 25 март кога објави 1.351 загинат и 3.825 ранети.