Комисија за упадот на Капитол: Обид на Трамп за државен удар

by Фокус

Комисијата на Претставничкиот дом на САД, што го истражува бунтот и упадот на Капитол на 6 јануари 2021 година, го обвини Доналд Трамп за тие настани, наведувајќи дека тоа не се спонтани немири, туку „обид за државен удар“ и директен резултат на обидот на поразениот претседател да ги поништи изборите во 2020 година.

Со емитувањето на 12-минутното видео од смртоносното насилство, кое досега не е јавно прикажано, и со изненадувачките сведоштва на најблиските соработници на Трамп, комисијата детално аргументираше дека повторените лаги на Трамп за изборни измами и јавен обид да се запре прогласувањето на победата на Џозеф Бајден ја напаѓа и ја загрозува американската демократија.

-Демократијата се уште е во опасност – предупреди претседателот на комисијата, демократскиот конгресмен од Мисисипи, Бени Томпсон.

Тој додаде дека 6 јануари е „кулминација на обидот за државен удар, безобразен обид за соборување на владата“. Според него, насилството не е случајност.

Комисијата објави видео на кое поранешниот секретар за правда Бил Бар наведува дека му рекол на Трамп дека тврдењата за наместените избори се само глупости.

Во друго видео, ќерката на поранешниот претседател Иванка Трамп сведочеше дека го почитува мислењето на Бар дека немало изборна кражба.

Некои од снимките ги прикажуваат лидерите на екстремистичките организации „Чувари на заклетвата“ и „Горди момци“ како се подготвуваат да упаднат во Капитол за да се борат за Трамп.

Поврзани новости