Украина доби противбродски ракети „Харпун“ од Данска и самоодни хаубици од САД, изјави денеска украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников.
„Крајбрежната одбрана на нашата земја не само што ќе биде засилена со ракетите „Харпун“ – туку тие ќе бидат и искористени од страна на обучени украински тимови“, напиша Резников на својата Фејсбук страница.
Тој рече дека ракетите Харпун ќе бидат искористени заедно со украинските ракети Нептун за одбрана на Црното Море на Украина, вклучувајќи го и јужното пристаниште Одеса.
Харпун е противбродска ракета која може да се користи во сите временски услови.
Може да се лансира од бродови, подморници, авиони или крајбрежни артилерии.
Русија ги блокираше украинските пристаништа, попречувајќи го извозот на жито и ја искористи својата црноморска флота за да изврши ракетни напади врз украинските градови.
Резников рече дека Украина, исто така, примила низа тешка артилерија, вклучително и модифицирани самоодни хаубици М109 од САД, кои ќе и овозможат на украинската војска да напаѓа цели од подолги растојанија.
Украина рече дека сака да обезбеди испорака на американските повеќекратни ракетни фрлачи М270 (MLRS) со долг дострел за да ја зајакне својата одбрана на истокот, каде што Русија спроведува сè поагресивна офанзива поддржана од неселективен артилериски оган што предизвика огромни штети и уби стотици цивили.