Украдена вратата на јавен тоалет во Штип

by fokus

Монтажниот јавен тоалет во Штип, во населбата Сењак, кој се наоѓа покрај новиот парк, повторно остана без врата.
Грдата слика, на отворениот тоалет и школката стојат на очиглед на минувачите веќе подолг период, и се наоѓа на паркова површина која лани беше отворена како катче за најмладите, со вредност од околу еден милион денари, издвоени од општината.

Уште тогаш штипскиот градоначалник Иван Јорданов порача граѓаните да се грижат за ова катче, каде има детски содржини, садници, летниковец…

Денес, во телефонски разговор за ,,Фокус” тој вели дека украдената врата на тоалетот не е ништо ново, и апелира на поголема свест и грижа од граѓаните.

-Ова не се случува прв пат. Ова е веќе втора врата која е украдена од јавниот тоалет. Се крадеше и тоалетната школка, се што е поставено во неколку наврати беше или украдено или вандализирано.
Упатувам јавен апел, да се покаже поголема грижа, бидејќи овие добра се направени од наши пари, од парите на граѓаните на Општина Штип – вели тој.

Додава дека е невозможно постојано да има лица кои ќе дежураат околу парковата површина и јавниот тоалет, со цел да спречат вакви немили настани.

Тоалетот повторно ќе бил поправен, но како што појаснува, само од граѓаните зависи дали тие во иднина ќе го чуваат овој парк, чија намена е таму да се релаксираат и уживаат сите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости