Студентите се борат износот на дневен оброк да им се зголеми за 20 денари

by Fokus

Новиот закон за студентски оброк, кој предвидува студентите да имаат картички што ќе ги употребуваат стриктно за оброк, ќе почне да се применува од септември, изјави Славчо Темелковски, претседател на Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Рече дека во моментов се борат дневниот износ за студентски оброк од 15 март да биде 140 денари наместо сегашните 120 денари.

-За тоа нема да попуштиме бидејќи тоа е нашето барање по кое се согласивме и нема да дозволиме, барем додека јас сум претседател на УСС, да бидеме изманипулирани со тоа што ни ветиле 140, а повторно сакаат да биде 120 денари, рече Темелковски кој денеска учествуваше на дебата „Билет во еден правец – дали институциите преземаат нешто за да го променат ова?“.

На прашањето дали ветеното ќе го бараат со нови протести, како што беа организирани во ноември, одговори дека „има и други механизми“ ако нешто не се смени во наредните две недели.

-Ние бараме сума од 140 денари и ако тоа не ни биде овозможено ќе треба да се повикаме на други механизми. Сметам дека нема потреба да дојде до такво нешто, ова беше ветено и верувам дека ќе биде исполнето во рок од овие две недели, додаде Темелковски.

Во ноември минатата година со МОН беше договорено формирање работна група која до март годинава ќе работи на креирање системско решение за остварувањето на правото на студентски оброк.

Средбите на работната група во почетокот биле поинтензивни, а како одминувало времето, рече, „средбите беа понеинтензивни“.

-Минатата недела имавме една средба, очекуваме до крајот на оваа недела повторно да бидеме повикани со некое конечно решение за Предлог-законот до крајот на оваа учебна година, додаде претседателот на УСС.

Во однос на најавата од МОН за етапна реконструкција на државните студентски домови, Темелковски одговори дека почетокот е планиран од март со реновирање на домовите „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“.

-Финансиите се обезбедени од Германската развојна банка. Колку што знам, процесот е во тек и треба само средствата да дојдат за да се почне со реконструкција. Ние го следиме и тој процес, но за сите тие работи што се поврзани со одлуки на Владата, ние можеме само да иницираме и притискаме, но нивното спроведување директно зависи од државата, рече Темелковски.

Поврзани новости