На традиционалниот новогодишен брифинг со медиумите, министерот во заминување Оливер Спасовски, истакна дека криминалот е намален, а довербата на граѓаните во полицијата постојано растела. Тој зборуваше и за реформата на разузнувачките служби, односно за укинувањето на УБК, и создавањето на АНБ и ОТА.
-Примарно, реформата на разузнавачките служби, односно воспоставувањето на новата Агенција за национална безбедност како самостоен, но законски строго регулиран дел од безбедносниот систем, наместо доскорешната Управа за безбедност и контраразузнавање при МВР која што практично престана да постои, како и воспоставување на новиот систем за следење на комуникациите преку конструирањето на новата Оперативно техничка агенција наедно произлегуваат како нужност од едно од клучните преговарачки поглавја на ЕУ – Поглавјето 24. Исполнувањето на високите стандарди кои ги има Европската Унија во овие области налагаа да се спроведат тие тектонски промени во нашата држава, но со задоволство може да се констатира дека овие процеси се одвиваа транспарентно и со инклузивност на сите релевантни субјекти со што се воспоставија темелите на натамошната надградба на целокупниот безбедноснен систем. Верификацијата од Европската Комисија не изостана и таа гласи дека : Република Северна Македонија ги исполни сите барања за отпочнување на процесот на пристапните преговори, рече Спасовски.
Новиот технички министер рече и дека ги подобриле условите за работа на полицијата.
-Инвестиравме, за тој реалтивно кус период, средства од буџетот на министерството, во висина од над 100 милиони денари во материјално обезбедување на униформираните полициски службеници од сите организациони единици, со нова опрема која после повеќе години сега беше целосно обновена. Со завршувањето на постапките за набавка на уште 24.000 пара зимски, летни и полувисоки обувки, потоа на чизми како и теренски униформи и посебна опрема за Единицата за брзо распоредување и Посебните единици за поддршка, што деновиве ќе бидат финиширани, практично целосно го заокружуваме тој наш проект давајќи јасно до знаење дека на секој полициски службеник треба и мора да му се обезбедат елементарни предуслови за нормално работење. И дека интегритетот, опременоста, статусот на полицискиот службеник се императив без кој што е невозможно спроведување на каква било системска реформа во тој домен.
Имено, дополнително на претходно изнесеното, започнувајќи од 01.01.2019 година успеавме да издејствуваме во Буџетот на МВР дополнителни парични средства за исплата на зголемување на плата во износ од 80.000.000 денари на годишно ниво за 4.821 униформирани вработени, притоа овозможувајќи издвојување на работните позиции помлад полицаец, полицаец и виш полицаец од останатите вработени, што е значајно за Министерството имајќи предвид дека вакво зголемување за основната компонента полицаец се остварува за првпат од 1991 година наваму.
Како надополнување на претходното, а во насока на севкупно подобрување на професионалните услови за работа преку правнило и планско користење на буџетот на министерството, за овие две и пол години беа санирани, односно делумно или целосно реконструирани 43 објекти на министерството во сите сектори за внатрешни работи, за што беа издвоени речиси 140 милиони денари. Се разбира, како што ви соопштивме минатата недела, круна на ове активности од делот на полициско-безбедносната инфраструктура се изградбата на Центарот за санирање од катастрофи и обезбедување на континуитет во работењето во Прилеп каде што покрај средствата обезбедени од ЕУ, нашето министерство учествуваше со свои средства во висина од над 14 милиони денари, како и започнувањето на градбата на новите современи форензички лаборатории. Исто така во моментов веќе се во тек градежни работи за реконструкција на ПО Арачиново, на просторите на Интервентна единица и на Хеликоптерската единица, рече Спасовски.
На средбата со новинарите беше промовиран и вториот број на списанието „Безбедност“, а беше потпишан и Протоколот за меѓусебните односи на полициските службеници и медиумските работници. Здружението на новинарите на Македонија и Министерството за внатрешни работи за соработка во процесот на развивање, одржување и промовирање на добрите односи помеѓу медиумските работници.