Слаткарницата „Палма“ во Аеродром е привремено затворена по инспекциски надзор од страна на Управата за јавни приходи, потврдуваат од таму. Причината за затворањето е непочитување на Законот за регистрирање на готовински плаќања, велат од УЈП. Утврдено е дека во слаткарницата не се издавале фискални сметки што претставува прекршување на законот.
Претходно од УЈП информираа дека е ставен клуч и на ланч барот „Тренд“ во Аеродром, поради користење на нефискализирани апарати и издавање на „компјутерски сметки“.
„Потсетуваме дека засилениот мониторинг се спроведува низ цела држава, не само на одредени локации, а затворени се и други познати угостителски објекти. Дополнително на предупредувањата, пред два месеци беше најавен засилениот мониторинг на готовинскиот промет и контролите од страна на Управата за јавни приходи“, порачаа од УЈП.