Независната угостителска комора е незадоволна од владините мерки за надминување на последиците од ковид-кризата. Оттаму и даваат рок на Владата до 25 јануари да ги усвои нивните барања за креирање посебни мерки за директна помош и поддршка.
-Владата, со донесената прва мерка од петтиот антикризен пакет, им подари на ‘локомотивите’ – членки на Стопанската комора 162,4 милиони евра, а на угостителите и натаму неосновано и неоправдано со времена одлука им го цепка и ограничува работното време и правото на работа, реагира денеска Независната угостителска комора (НУК).
Според НУК, при крај е трпението на угостителите кои чекаат време и покана за работна средба со Владата на која и даваат рок до 25 јануари да ги усвои нивните барања.
-Со вчерашните изјави на министерот Крешник Бектеши и вицепремиерот Фатмир Битиќи, како угостители доживеавме ладен туш среде зима, дознавајќи дека првата одлука од очекуваниот 5. сет мерки е новогодишен подарок и честитка за локомотивите на Стопанската комора, наведува претседателот на НУК, Здравко Јосифовски.
Тој додава дека Владата е во целост одговорна за опстанокот на угостителската ‘индустрија’ до завршувањето на корона -кризата.
Угостителите бараат и изедначување на ДДВ за угостителски услуги на 10 проценти на сите угостителски услуги во сите угостителски објекти, како и одложување и репрограмирање на извршни постапки.