Учениците од трето и шесто одделение учебниците ќе ги добијат набрзо по почетокот на новата учебна година. Од Министерството за образование и наука (МОН) велат дека учебниците за трето одделение се во понапредна фаза на изработка и одобрување во споредба со оние за шестоодделенците. Додека да бидат готови учебниците за овие две одделенија од МОН велат дека учениците ќе користат помошни материјали кои ги изработува БРО и ќе бидат достапни во електронска форма.
„Тие ќе помогнат во постигнување на резултатите од учење кои се определени во секоја тема од наставните програми“, велат за МИА од министерството за образование.
Новите учебници за трето и шесто одделение се изработуваат по нова наставна програма од Бирото за развој на образованието (БРО), доставени во декември 2022 за трето и во април 2023 за шесто одделение, а кои се согласно планот за реформа на основното образование кој се спроведува етапно.
Учениците од прво, второ, четврто и петто одделение, за кои наставните програми беа креирани во минатите две години, од МОН велат дека ќе ја почнат учебната година со нови учебници по сите предмети. Исклучок ќе биде учебникот по Историја и општество за петто одделение кој беше повлечен од употреба поради потребата од технички исправки и корекции на одредени содржини со неточни податоци. По овој предмет ќе има помошен материјал по кој ќе се изучува материјата додека не се изработи и достави учебникот.
Во седмо, осмо и деветто одделение ќе се користат веќе одобрените учебници од изминатите години, а тиражот ќе биде надополнет со новоиспечатени комплети во број колку што самите училишта пријавиле во текот на мај.
Од МОН велат дека учебниците од четврто и погорните одделенија ќе имаат дигитална верзија, а процесот на дигитализација ќе се одвива етапно.