Седумината вработени во УБК, обвинети од СЈО за уништување на службена документација поврзана со прислушувањето денеска по втор пат седнаа на обвинителна клупа, но не им се судеше. И денеска се одржа подготвително рочиште на кое три ипол часа одбраната, Судот и СЈО дискутираа дали доказите кои ги поседува СЈО треба да се употребат во судската постапка или не.
Претходно Судот му наложи на СЈО да обезбеди декласификација на доказите, бидејќи станува збор за строго доверливо, а од СЈО денеска потенцираа дека УБК им го одбила барањето, односно остануваат на ставот дека овие информации мора да останат класифицирани, бидејќи во спротивно би се загрозила безбедноста на државата.
Судијката Лидија Петрова констатираше дека УБК не дало прецизен одговор, односно го задолжи СЈО да испрати ново барање до УБК во кое ќе прецизираат дали за овие докази и како класифицирани ќе дозволат судска употреба.
Адвокатот на одбраната, Никола Додевски, пак инсистираше Судот да ги одбие овие докази, бидеќи според него Законот за кривична постапка бил јасен, односно не е дозволена употреба на клсифицирани информации.
Правните надмудрувувања траеја неколку часа, по што судијката закажа ново подготвително рочиште за 13 март. Тогаш и најверојатно ќе се изјасни дали ќе ги прифати или отрфли овие докази на СЈО.
Во случајот, познат како „Тврдина 2“, првообвинет е Горан Грујоски, поранешниот началник на петтата управа и шест вработени во УБК. СЈО Грујоски го сомничи за фалсификување службена исправа, односно за уништување на документацијата поврзната со двата системи од нелегалното прислушување. Овие системи, како што претходно информираше СЈО во случајот „Тврдина“, исто така биле уништени во текот на 2014 година.
Валентина Вурмо