Левица: Општините да кажат каде ги донираа парите од новогодишните прослави

by fokus

Левица бара локалните самоуправи кои ги откажаа новогодишните прослави да објават јавно и транспарентно каде точно завршија средствата, кои ветија дека ќе ги пренаменат за хуманитарни цели. Град Скопје, Битола, Велес и Куманово под притисокот од јавноста најавија дека средствата од новогодишните прослави ќе ги пренаменат за помош на социјално-загрозените граѓани.

-Доколку локалните самоуправи одбијат транспарентно да објават каде точно завршија парите на граѓаните, со право може да се смета дека тоа беше само уште еден нивни магионичарски трик, фрлајќи им магла во очите на граѓаните. Доста беше евтиното купување партиски поени! Ако локалните власти мислеа дека јавноста ќе заборави на нивните ветувања, дебело се излажаа. Ветувањето дека парите ќе бидат пренасочени за помош на социјално-загрозените граѓани мора да биде придружено со конкретни чекори, се вели во соопштението на Левица.

Од партијата велат пренасочувањето на парите од новогодишните прослави сигурно нема да го реши проблемот, но притисокот што го изврши јавноста за да дојде до пренасочување на средствата од новогодишните прослави покажува дека народот поседува моќ и таа моќ мора и треба да биде искористена за оние што ја поседуваат политичката моќ конечно да работат во интерес на обичниот човек.

Поврзани новости