Убивте лав и поставивте зајак да ја брани шумата – скандали околу прилепскиот фестивал на пивото

by fokus

Наместо од 13-ти до 16-ти јули, како што традиционално се случуваше, годинава во Прилеп фестивалот на пивото ќе се одржи од први до трети септември.

Овојпат, наместо Интернационален фестивал на пиво и скара Пивофест, настанот е наречен Prilep Beer Weekend, во организација на Евент Груп, со поддршка од Општина Прилеп, а основачот на Пивофест, Пеце Стоикоски, кој е претседател на Советот на Пивофест Прилеп, вели дека е нанесена огромна штета, со тоа што организацијата на настанот му била одземена буквално во пет до 12 часот.

Од Совет на Пивофест Прилеп доставија отворена реакција, во која посочуваат дека наместо Пивофест да слави 20 години јубилеј, поради стопанската фела од Прилеп, која во последен момент им откажала поддршка, целиот Совет во кој членувале околу 50 лица трпел материјална и морална штета, но обвинуваат и за непочитување кон прилепчани.

-За неколку дена ќе добиете целосно и ексклузивно известување за двегодишната голгота приредувана од одредени клучни фактори од Општина Прилеп и стопанската фела, кои се потрудија да ја уништат 20-годишнината, јубилејот од раѓањето во 2003 година, па се до оваа 2023 година, на традиционалниот Интернационален Фестивал на пиво и скара Пивофест Прилеп.

Ве известуваме дека Пивофест беше целосно подготвен за оваа 2023 година и се чекаа факторите кои управуваат со нас граѓаните да кажат старт и да доделат официјален документ, кој за жал секогаш го даваат, или не, во 5 до 12.

Во моментов Советот на Пивофест кој брои 50 луѓе и неговиот менаџерски тим, и се она што беше со месеци спремно, претрпува штета од огромни размери и морално и материјално!
Во нашата жална, златна држава важи правилото „Све је твоје моје!“

Како што гледаме, Советот на Пивофест составен од докажани менаџери и интелектуалци од Македонија и странство е тешко разочаран од игрите на водечките фактори и носители на нашата сегашност и иднина.

Вметнувањето на заменска (ад хок) манифестација под друго име „Prilep Beer Weekend“ и заговорот против авторите и основачи на Пивофест, како и сите други кршења на правото и исполнување на сопствени желби и желби по порачки, префрлање на пари од граѓаните за манифестација која не е изгласана со општинскиот буџет, пари кои се наменети исклучително за традиционалниот фестивал Пивофест Прилеп 2023… како може да се финансира од граѓанските пари нешто што на своја рака во четири очи во 10 дена го поставија и си тераат, кој им дава такво право да убијат лав и да постават зајак да ја брани шумата?

Чудо, шок, тотално непочитување кон Прилепчани сите Граѓани во Македонија како и цела дијаспора! Не знаеме зошто не го прават за Нова година фестивалот, би имало повеќе смисла, такво нешто се нема случено во светот.

Во моментов поднесено е дури и предвремено барање од Советот на Пивофест за доделување на простор за реализација и организација на Пивофест 2024 до Советот на Општина Прилеп и Градоначалникот на Општина Прилеп. Ќе чекаме да видиме дали по трет пат ќе се постапи навремено и коректно за фестивалот да биде организиран како што заслужува на светско ниво, а не да бараат таканаречени организатори, кумови и други фактори на туѓа сермија! Кој им го дал тоа право, за наведеново погоре некој треба да одговара, наведено е во реакцијата на Советот на Пивофест Прилеп.

Како потсетување, од Општина Прилеп, која е поддржувач на манифестцијата, минатиот месец првин соопштија дека годинава се откажува фестивалот, бидејќи организаторот немал доволен капацитет за настан од таков размер. Потоа пак, соопштија дека фестот сепак ќе се одржи, но во организација на Евент Груп.

Интересно е што и Евент Груп и Совет на Пивофест Прилеп, како главна ѕвезда за настанот го избрале Аца Лукас.

Од Совет на Пивофест Прилеп ја доставија и нивната програма, според која требало да се одвива фестивалот, кој требаше да се одржи во јули. Најавија детално појаснување до јавноста околу тоа што се случувало околу откажаниот Пивофест, кое ќе го доставеле до медиумите во наредните денови.

Вики Клинчарова

Поврзани новости