Убиства во Неготино во годините наназад: Жртвите најчесто жени, еден случај никогаш не се реши!

by Fokus

Случајот со 46-годишната Љ.Г. од Неготино која завчера почина по четири дена борба за живот, откако партнерот П.Н. (51) ја претепал нанесувајќи и многу тешки повреди на мозокот и черепот, ја бранува земјава. Сограѓаните ја опишуваат како добра и тивка личност, мајка на две деца, и прашуваат каде потфрли системот, па во дваесетипрвиот век се уште да се случуваат фемициди.

Но, ова не е прв случај на убиство на жена во Неготино. Повозрасните се сеќаваат на настанот кој ја вознемири општината и со години, па и децении наназад се уште го бранува малиот град, затоа што останаа многу неодговорени прашања, а помеѓу нив и најважното – Кој е убиецот и дали тој се уште шета помеѓу граѓаните на Неготино? Во далечната 1987 година, Неготино го потресе вест дека во нива, на патот помеѓу Неготино и село Тимјаник е пронајдено тело на 19-годишна девојка.

Тогашната истрага покажа дека станува збор за девојка од Тимјаник, која живеела со мајка и и брат и, излегла во градот и не се вратила дома неколку дена. Од малкуте информации кои се познати, таа била пресретната од непознато лице или повеќе лица кога се враќала дома, била задавена, а потоа и закопана во нивите. Бидејќи не била закопана длабоко, беше пронајдена по неколку дена, од случаен минувач. Кој ја уби младата девојка, и до денес остана мистерија. Повеќе лица од градот во тој период беа приведени на разговор, низ градот кружеа разни теории на заговор, но официјално, случајот остана нерешен и убиецот никогаш не беше пронајден и изведен пред лицето на правдата.

Неколку години потоа, во Неготино се случи уште едно убиство на жена, чие тело беше пронајдено изгорено во нејзиниот дом. Истрагата покажа дека таа била убиена од нејзиниот партнер, кој потоа за да ги прикрие трагите подметнал пожар. Лицето набргу беше приведено и му се судеше за делото. Граѓаните се сеќаваат и на два други случаи, кога мајки во Неготино беа убиени од нивните синови. Едниот настан се случи летото во 2012 година, кога 23-годишно момче ја уби својата мајка која имаше 47 години, со нож и мачета, додека спиела, во нивниот стан во центарот на градот. Убиството го опишал и на социјалната мрежа Фејсбук, а беше уапсен кога тргнал да го фрла телото на несреќната жена во контејнер.

На суд појасни дека ја убил мајка му на 10-годишнината од смртта на татко му, поради нарушени односи. Според вештачењето на психијатрите тој делото го сторил во момент на психичко растројство, и боледувал од параноидна халуциона шизофренија и беше упатен во установа поради трајна душевна растроеност. Кон крајот на истата година, градот го вознемири уште едно убиство на жена. Стануваше збор за 69-годишна жена, која беше задавена од нејзиниот 20-годишен син, во нивниот дом. Во Основниот суд Велес тој беше осуден на десет години затвор. На судењето раскажа дека по смртта на татко му, со мајка му имале нарушени односи и често се расправале. Неговиот вујко пак, тогаш бараше оштета од 430 илјади денари од момчето, плус камата, поради душевна болка и за погребални трошоци.

На суд тврдеше дека не го признава оти бил посвоен, а пак мајки на другари на момчето на суд раскажаа дека момчето било добро, но мајка му често го бркала од дома, не му давала храна, поради што тој многу пати спиел и се хранел кај другарите. Кога се убиствата на мажи во прашање, градот се сеќава на случајот од 2009 година, кога исчезна 70-годишен маж. Неговото тело беше пронајдено завиткано во тепих во областа Куријски пат. Два дена по пронаоѓањето на телото, беше откриен и сторителот.

Стануваше збор за синот на старецот, кој во тој период имаше 43 години. Тој признал дека го усмртил татко му со метална шипка, по расправија, а потоа го фрлил телото. Како причина за убиството ги навел честите расправии, кои ги имале со татко му, откако починала мајка му. Во 2014 година пак, старец на возраст од 86 години беше убиен од страна на 38-годишен маж, а убиството се случи на гробиштата во Пепелиште.

Причина за убиството извршено со неколку удари со метален ашов биле нерасчистени сметки, односно старецот му должел околу 1.000 денари на убиецот за извршена услуга, односно за садење на дрво на гробиштата во Пепелиште.

Вики Клинчарова

Поврзани новости