Убиениот велешанец Александар Ристовски, иако вработен како полицаец во СВР Велес, неколку пати го прекршил законот. Како што објави СДК, Ристовски, кој вчера беше избоден од партнерката со која живеел во вонбрачна заедница, во два наврати е осуден во Основен суд Велес условно, за две кривични дела.
Еднаш за сообраќајна несреќа што се случила во 2010 година кога удрил во шестмина тинејџери со автомобил, кој го управувал со голема брзина.
Второто кривично дело – Изнуда го сторил на 13 септември 2016 година пред нотар во Велес, кога осомничената за убиството и нејзината сестра се договарале за оставинската постапка, а починатиот ѝ пришол на сестрата, ја фатил за врат и се заканил со зборовите „ќе ти го скршам вратот ако не ѝ ја препишеш куќата на сестра ти“.
Обвинителството утринава соопшти дека според истрагата, убиството настанало по вербална и физичка расправија меѓу убиениот и неговата 23-годишна партнерка. 40-годишниот Ристовски ја фатил за врат П.И. со намера да ја дави, па таа со нож го прободела во левата страна на градниот кош и тој починал.