Убиениот Кривањева беше мета на пукањето кај „Александар Палас“ пред четири години

by Fokus

Еден од убиените во вечерашното пукање во Стара скопска чаршија е Јетон Кривањева, кој и е познат во јавноста од друга престрелка која се случи во Александар Палас во 2019 година. Кривањева заедно со неговата дружина беше цел на напад во познатиот скопски хотел.

За потсетување, пет лица со фантомки тогаш излегле од возилото и отвориле оган кон ресторанот на хотелот, а тројца од сторителите влегле во хотелот извикувајќи „Полиција“ и испукале рафали. Веднаш потоа напаѓачите го напуштиле местото.

Во инцидентот имаше само еден повреден, од причина што на местото на настанот се нашол полицаец во цивилна облека кој возвратил со неколку испукани куршуми.

Во друштво на Кривањева тогаш беше и Камер Идрези. Тој беше убиен во 2021 година во Бутел. Во него било пукано додека се движел со својот автомобил.

Освен Кривањева, оваа вечер беше кобна и за Енес Исени, а уште едно лице беше повредено. Од Обвинителството соопштија дека вршат увид на местото на настанот.

„Според првичните информации, неколку маскирани лица со огнено оружје пукале кон двајцата кои починале на лице место, додека повредениот е пренесен во болница за да му биде укажана лекарска помош. Фиксирани се траги на лице место, а јавниот обвинител ги издава сите потребни наредби и насоки со цел да се обезбедат докази кои ќе помогнат за расчистување на настанот и за откривање на идентитетот на сторителите“, соопштија од таму.​

Поврзани новости