Телото на 23-годишната Фатмата Камара од Сиера Леоне, која беше застрелана кај касарната во Гевгелија од полициски пиштол, после три месеци е предадено на нејзиниот сопруг Абу Бакар. Телото ќе биде пренесено во Сиера Леоне за достоен закоп.
Организацијата Second tree објави дека заврши тримесечната сага која почна со насилна смрт на девојката при обид преку мигрантската рута и Македонија да стигне до западна Европа.
„Фатмата си оди дома. Нејзиното тело денеска ја напушти Северна Македонија. Таа наскоро ќе биде во Сиера Леоне со семејството, на нејзиното последно патување. Маријату и Бинтија, нејзината мајка и сестра, ни кажаа колкаво олеснување им приредило читањето на пораките на социјалните мрежи во кои се изразувало сочувство за смртта на Фатмата. Да знаеш дека не се сите луѓе во Европа како полицаецот што пукал во неа, дека има многу што се грижат за неа. Ќе ги собереме сите овие пораки и ќе ги дадеме на семејството, можеби ќе прочитаме некои од нив на погребот“, стои во објавата на организацијата.
Абу Бакар нема да биде на погребот, бидејќи решил да остане во Скопје за да се бори за вистината и правдата за сопругата.
„Тој денеска и го даде последното збогум, откако помина низ емотивна и бирократска голгота. Репатријацијата на Фатмата по нејзината смрт беше неверојатно тежок, долг и скап процес. Видовме секакви работи, од едноставна бирократска неефикасност до отворена корупција. Воедно, сакаме да им се заблагодариме на многуте добри луѓе кои ја понудија својата помош. Донаторот, кој побара да остане анонимен, кој го плати најголемиот дел од трошоците, сите оние кои помогнаа дури и со зборови на поддршка, оние кои ја завршија својата работа или повеќе од нивната работа, семејството на Фатмата да може да се збогува со неа. Збогум Фатмата, те сакавме многу, и секогаш ќе те сакаме“, стои во објавата на организацијата.
Мигрантката Фатмата во моментот на пукањето била со нејзиниот сопруг Абу Бакар. Фатима ја минала грчката граница, откако земјата го одбила нејзиното барање за азил. Живеела во бегалски камп. Таа е убиена при турканица помеѓу шверцери на мигранти.
Истрагата трае, а главен осомничен е полицаецот, иако МВР првично соопшти дека криумчарот бил тој што стрелал. Обвинителството сметаше поинаку и побара да му биде одземен пасошот на полицаецот кој е првоосомничен, но истрагата се уште не е завршена и не е утврдена одговорност за смртта на Фатмата.