Приведена е 23-годишната П.И. од Велес, под сомнение дека утринава во 02.20 часот во семејната куќа со остар предмет му нанела убодна рана на А.Р. (40) со кого живеела во вонбрачна заедница, по што тој починал. Велес е во шок од настанот кој го потресе градот во раните утрински часови.
-Станува збор за наш колега, полициски службеник, велат од СВР Велес за „Фокус“. Додаваат дека никогаш во минатото не добиле пријава за семејно насилство ниту од жената, ниту пак од својот колега.
П.И. била лишена од слобода утринава во пет часот и бил извршен увид на местото на настанот.
-По целосно документирање на случајот против П.И. ќе биде поднесена соодветна пријава, изјавија од СВР Велес.
Како што раскажуваат велешани, убиениот полициски службеник зад себе имал повеќе бракови и деца со повеќе од своите партнерки.
-Не знаеме со сигурност дали со сите бил во брак или пак се работи за вонбрачни заедници, станува збор за околу четири или пет жени кои во минатото живееле во заедница со него. Со повеќето од нив има и деца-велат сограѓани на настраданиот маж.
Вики Клинчарова