Македонската естрадна сцена од неодамна доби ново име кое ветува освежување во водите на поп музиката. Се работи за Маша која во земјава се преселила од родната Русија, па решила овде да гради музичка кариера.
Младата Русинка која живее во Македонија со родителите околу десет години, одлично го совладала нашиот јазик, а за нејзината прва песна ангажирала искусен тим. Песната ,,Дали ти ќе дознаеш” ја потпишува текстописецот Огнен Неделковски, музиката е на Панче Касапски, а аранжманот на Лазар Цветковски.
За истата е снимен видео запис под режисерската палка на Даниел Јовески.
-Овде е мојот дом и никогаш не сакам да си заминам од Македонија. Се пронајдов во оваа прекрасна земја, свикнав на животот тука. Затоа и мојата песна е на македонски јазик, и ова е само почеток. Решена сум сериозно да се занимавам со музика, поради тоа и внимателно го избрав тимот на соработници, не сакам да оставам ништо на случајноста – раскажува Маша.
Додава дека ја следи состојбата на естрадата и сака да понуди нешто ново и квалитетно, во чекор со светските музички трендови.
-Имам седумнаесет години, но добро знам што сакам во животот. Музиката не може да биде само хоби ако сакаш да имаш видливи и трајни резултати, мора постојано да се работи, да се надоградуваш, како и во секоја друга професија, доколку сакаме успех. Со ,,Дали ти ќе дознаеш” започнувам ново поглавје во животот, и се надевам дека македонската публика ќе ми подаде рака на ова поле, како што се случи и кога се преселив овде. Поддршката која ја добив кога дојдов во непозната земја и гостопримството кое го почувствував уште од првиот момент ми значеа многу, верувам дека и во музиката ќе се препознае мојот труд и искрената емоција – изјави Маша.
Вики Клинчарова