Уапсени шест лица во акцијата за сузбивање криминална мрежа за дрога и оружје

by fokus

Шест лица се уапсени, а едно е во бегство при денешната полициска акција во Струга и Струшко за сузбивање криминална група која се занимавала со недозволена продажба на дрога и оружје.

МВР соопшти дека карактеристично за групата е тоа што членовите се лица кои веќе се осудени и издржувале казна затвор во Казнено поправниот дом од отворен вид Струга

– При преземените мерки и активности лишени се од слобода лицата М.К., Р.И., Г.Р., Б.Х., Д.Б. и А.Р, а А.Р. е во бегство. Дополнително лишено е од слобода и лицето Р.К. кое се бара по распишана потерница за издржување казна затвор од 13 години за ,,Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. Во истрагата е утврдено дека на криминалната група и помагал и инспектор во Полициската станица Струга и против него ќе бидат преземени соодветни мерки, информира Мнистерството за внатрешни работи.

Пред постапувањето на полициските служебници, како што е наведено, пред затворот во Струга биле забележани две непознати лица со патничко моторно возило „Форд фиеста“ со албански регистарски таблици и при обидот да бидат легитимирани, не поседувале документи за идентификација. Во возилото била пронајдена марихуана и лицата биле приведени.

Во рамките на акцијата, според информацијата, извршени биле претреси на повеќе локации, како и во КПД Струга.

– При претресите во четири објекти во селото Велешта кај лицата А.Р., К.М., И.Р и Г. Р. пронајдени се четири пиштоли со соодветни рамки, сите исполнети со куршуми. Претрес е извршен и во домовите на Д.Б. во село Ливада, Б.Х. во село Радолишта и во стан во центарот на Струга каде престојува лицето К.М., при што кај дел лицата се пронајдени парични средства од околу шест илјади евра, како и други материјални докази за сторени кривични дела. Претсетес е извршен и во службените простории во затворот и во собите каде лицата А.Р. и К.М. издржуваат казна затвор, при што е пронајдена и одземена документација, соопшти МВР.

МВР, како што е наведено, ќе продолжи со активностите за обезбедување материјални докази за други лица поради постоење на основи за сомнение дека се сторители на кривични дела, злоупотреба на службена положба и по целосно документирање на случајот ќе биде известено надлежното јавно обвинителство.

Поврзани новости