Министерството за внатрешни работи, во рамки на акцијата „Мрежа“, насочена против уличните дилери и пресекување на меѓународни канали за недозволена трговија со дрога, вчера приведе две лица од село Грчец на возраст од 39 и 50 години.
Како што соопшти МВР, не било обезбедено едно лице од Скопје на возраст од 22 години, кое исто така е дел од криминалната група и за него претходно била распишана потерница, така што потрагата по него продолжува и натаму.
Според полицијата, приведеното 50 годишно лице било под сомнение како организатор на дел од криминалните активности поврзани со нелегална трговија со наркотици изминатава година.
Инаку, тој имал богато криминално досие и познат е како организатор и предводник на повеќе криминални групи и подолг временски период наназад бил инвовлиран во недозволена трговија со дрога, одземање на моторни возила, лихварство, фалсификување исправа, предизвикување на општа опасност, загрозување со опасно орудие при тепачка или караница, грабнување…
Во 2006 година, пак, бил идентификуван и како организатор на „грабнувањето“ на косовскиот државјанин Љуљзум Бегај, сопственик на КОСМОТЕ ФООД Компани, кога за негово ослободување од неговото семејство беше побаран откуп во износ од 500.000 евра.
За тоа време, осудениот се наоѓал во Чешка, кадешто се поврзал со криминали групи чии членови се македонски државјани кои организирале транспорт на наркотична дрога во Северна Бохемија, во близина на границата со Германија.
На сајтот на МВР е поставено видео од акцијата.