Полицијата уапси четири италијански и еден македонски државјанин, при претрес во објектот во кој престојувале во Велес биле пронајдени и одземени ловечко оружје, муниција и уловен дивеч без дозвола.
На 02.09.2026 во 11:20 часот на автопатот Велес – Градско, полициски службеници го лишија од слобода Л.Б.(60) од Италија, со привремен престој во Велес.
При преглед на патничко возило „ауди“ со албански национални ознаки, кое го управувал, биле пронајдени и одземени 207 ловечки патрони за кои не поседувал соодветна документација.
Известен бил јавен обвинител и инспектор за странци и по документирање на настанот против Л.Б. ќе биде поднесена пријава за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ по член 396 од Кривичниот законик.
Подоцна, во 18:50 часот, полициски службеници од СВР Велес ги лишија од слобода и Т.Р.(58), З.Д.(72) и А.А.(74), сите од Италија и М.И.(62) од Скопје.
При претрес во објектот во кој престојувале италијанските државјани во Велес, извршен со наредба од Основен суд Велес, каде бил затекнат и М.И., кој бил домар, биле пронајдени и одземени ловечко оружје, ловечки патрони, поголема количина улов, пари, документација и други предмети.
Известен бил јавен обвинител и по целосно расчистување на настанот ќе бидат поднесени соодветни пријави.