Уа, влада

by Fokus

Дали оваа влада ќе трае година, две или цел мандат е помалку важно. Она што е важно и за мене очекувано е дека ќе владее по истите принципи на сите претходни влади – клептократија, клиентелизам, влијание на судство и корупција. А слободно нека ме изненадат, прв ќе го нотирам тоа. Живи били, па видели!

 

Јанаки МИТРОВСКИ

Бидна и тоа. Најважниот политички момент за кој се држеа избори сред корона пандемија. Се состави македонската влада, на чело со старо-новиот премиер, претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Влада со можеби најтенко мнозинство со само еден пратеник повеќе  од уставните шеесет и еден.

Не сум од тие што почитуваат квази етички начела како воздржување од критики првите сто дена, особено што се работи за старо-нова влада, односно старо-нова коалиција СДСМ-ДУИ. И покрај тоа што СДСМ во стилот на ДПМНЕ глумеше скар со ДУИ, анкетите пред и резултатите по избори беше евидентно дека СДСМ нема да може да прескокне преку пратениците на ДУИ до влада, овојпат, петнаесетина на број.

ПЕРСОНАЛЕН СОСТАВ БЕЗ ИЗНЕНАДУВАЊА

Персоналниот состав е очекуван без поголеми изненадувања. За жал, продолжува праксата на именување безброј вицепремиери, за ова, или за она, со цел задоволување на персоналните и коалициони апетити за функции. Артан Груби влегува во владата како вицепремиер и министер за политички систем. Ви текнува, тоа е она фантомско Министерство, кое е наследник на Секретаријатот за вдомување заслужни партиски кадри на државен грб.

По којзнае кој пат имаме ветување дека вработените што седат дома и земаат плата, ќе почнеле да одат на работа. Во нормална земја ова е вест од рубриката траги-комично, но кај нас се нашло, па се зашло. Персонално, Груби мора да е задоволен сам од себе, трасирајќи пат од фудбалски трибини до Влада. Како нова позиција се воведува и заменик-претседател за борба против корупција на чело со ген-секот на СДСМ, Љупчо Николовски. За мене ретко драг лик од политиката и особено од таа политичка партија. Не го говорам ова од личното познанство и почит, туку водејќи се од фактот дека  и по 7-8 години во висока политика и три години владеење, нема ниедна сериозна афера.

Заменичко место, секако, се наоѓа и за министерот за сè на СДСМ Никола Димитров (пандан на Никола Тодоров во ДПМНЕ) овојпат за европски прашања. Како за кабинет и шофер, таман е. Незаменливата Радмила Шеќеринска е од ретките, кои го задржаа ресорот од претходно. За мене е феномен како оваа жена успешно работи во високата политика, покрај толку непријатели и објективна истрошеност.

 Ресорите ги задржаа и Венко Филипче, кој веќе не го гледаме на секојдневни пресови, бидејќи изборите поминаа, како и претседателот на ЛДП, Горан Милевски, во локална самоуправа. ДУИ можеби не доби Албанец премиер, ама псе јо да не добие министер за надворешни како доктор Бујар Османи. За крај, најреална слика за нашата државичка е новиот министер за информатичко општество и администрација Јетон Шакири, кој станал професор на Универзитетот на Мерко на дваесет и една година.

ЧУДО ОД ДЕТЕ ЗА МИНИСТЕР ЗА ИНФОРМАТИЧКО ОПШТЕСТВО

  Оваа информација ја препроверив, бидејќи мислев дека е лажна, но види богати во Македонија сме имале чудо од дете – универзитетски професор на само дваесет и една година. Кога дипломираше, кога магистрираше, кога докторираше, кога стана професор, само Мерко знае. Од Владата си замина можеби најсоодветниот кадар, профа Рената Дескоска. Без ниту една корупциска дамка за три години, министер за пример. Би бил лицемерен доколку говорам во суперлатив, а испуштам да ги дадам своите субјективни забелешки.

Пред сè, тука мислам на интенционалното згаснување на СЈО (за кое веројатно партијата не барала согласност од Правда) и одредбите од Законот за Јавно Обвинителство со кои во пракса се амнестираат членови на ДПМНЕ, ама само оние кои се во добрите со СДСМ, како и се забранува употреба на бомби во поголемиот дел од постапките. И покрај тоа, жената ја имала и ќе ја има мојата континуирана поддршка и почит.

Дали оваа влада ќе трае година, две или цел мандат е помалку важно. Она што е важно и за мене очекувано е дека ќе владее по истите принципи на сите претходни влади – клептократија, клиентелизам, влијание на судство и корупција. А слободно нека ме изненадат, прв ќе го нотирам тоа. Живи били, па видели!

Поврзани новости