Кирил ЕФРЕМОВСКИ
На крајот на минатата година, реномираната американска организација Global Financial Integrity (Oрганизација за глобалениот финансиски интегритет) објави проценка дека од Македонија се изнесени (украдени) над 5 милијарди долари, државни пари. Минимум 5,5 милијарди причини имаат оние кои 10 години се власт во оваа земја и понатаму како умеат и не умеат да го бранат она што цели 10 години направија да биде главната крепост на сиот лоповлук, бандитство криминали, додека во исто време пропагандната машинерија неуморно произведуваше непријатели и предавници, па до толку ги подели граѓаните што во скоро време ниту социјалната психологија нема да може соодветно да го дијагностицира овој целокупен општествен еродиум. И сето тоа го направија не повеќе од 400 до 500 луѓе од владејачките партии и нивните најблиски, само заради пари, моќ и многу пари.
КАДЕ ПРВО ЌЕ ПОПУШТИ ТВРДИНАТА НА КРИМИНАЛОТ?
После третата официјално објавена истражна постапка на Специјалното јавно обвинителство против поранешни и сегашни државни функционери и членови на владејачката партија, секој оној што барем малку критички ги анализира процесите во Македонија не може, а да не заклучи дека сиот апашлук и криминал, прекршувањето на човековите права, попречувањето на правдата и перењето мозоци на највлијателните телевизии, не е со никаква поинаква цел, туку само за да го пролонгира паѓањето на таа тврдина и да овозможи да се изнесе уште нешто од државата, додека еден дел од оние што ја „полнеле тврдината“ сега пак мораат да работат на прикривање на трагите и доказите за она што го правеле скоро една деценија.
Постапките за противзаконското уништување на опремата и уредите со која незаконски се вршело прислушувањето, а за кое дело се сомничат дел од првите луѓе на Управата за безбедност и контраразузнавање, заедно со поранешната министерка, дополнително покажува дека таа клика на властодршци со цел да заштити и прикрие што се правеле додека другите им колеги и понатаму ја „полнеле личната тврдината“ се подготвени буквално на се’.
Дополнителното релативизирање на сериозноста и тежината на кривичното дело за кое се сомничат 5-те лица, од страна на провладините медиуми и целата контра канонада на напади кон Специјалното јавно обвинителство, дополнително оди во прилог на покренатата истрага.
За жал, партијата ги има узурпирано и киднапирано до таа мера надлежните институции што метастазите продираат и до судскиот портир. Така, преку последните постапки во истрагата за случајот „Тврдина“, Кривичниот суд во Скопје уште еднаш покажа дека е вториот бастион за одбрана на корумпираната власт со тоа што ги отфрли сите барања на СЈО, отако веќе претходно првиот бастион во МВР полека почна да поткленува.
Сепак, вечерва видовме нешто друго. Притворот за Грујоски покажа дека штитењето на властодршците дури и од судот нема да се одвива уште долго, особено не кога истрагите за тоа како се трошеле и за што се злоупотребувале европските пари стасани во државниот буџет, а не само оние на овдешните, ќе ги надминат националните рамки.
КРАДЕЛЕ И ЕВРОПСКИ ПАРИ?
Колку судовите, а и сите оние сеуште корумпирани и узурпирани институции ќе можат да ги попречуваат истрагите и штитат властодршците, кога наскоро на дневен ред ќе дојдат истрагите за тоа како се злоупотребувале парите од фондовите на Европската Унија, наменети за развој и унапредување на процесите и состојбите во Македонија?
Како главниот државен финансиер во спрега со барем уште четири други државни институции приматели на пари од тие фондови, ќе одговорат на прашањата и истрагите на Брисел, зошто барем 120 милиони евра европски пари од ИПА наместо за развој на државата, завршиле за развивање на големината на одредени приватни џебови и компании?
Ваквите прашања како увертира на истрагите кои наскоро ќе следуваат, веќе ги постави непријателот за власта Ванхауте, а дека работата е повеќе од сериозна и ќе се тера до крај, при што Брисел овој пат нема да отстапи, можеме како покритие да го земеме само случајот од пред некоја година кога институциите на ЕУ временски ја блокираа од финансирање државна агенција за младинска мобилност и образование, токму поради иста причина – проневера на европските фондови и тоа за многу помала сума.
Знаејќи дека ќе следуваат уште многу такви и слични истраги, кликата на власта доправа ќе прави грешки и уште многу нови обиди за потрупување на сторениот апашлук и криминал, налик на мачор кога врши потрупување измет со мокра земја. Но од таквите обиди трагите многу повеќе ќе останат на нивните шепи, а реата и понатаму ќе трае, исто онака како што направија и со уништената опрема на ДБК.
После една деценија владеење, ДПМНЕ почна да се соочува со се’ oна што неговото раководство го правело, а сите нивни дела, но и оние направени од нивните им блиски партнери ќе им се вратат како бумеранг. Во фаза е испишувањето на еден вид на нова историја, во која можност да се запишат со златни букви имаат сите оние кои што максимално ќе се потрудат да покажат дека сеуште веруваат во правда и враќање на институциите на прав пат и чистење на метастазите на корпупција и криминал со кршење на прангите од партиската узурпација. Процесот ќе биде исто толку болен и бавен како што е и рушењето на тврдина со чекан и шило, но камен по камен еден ден таа ќе падне, исто онака што веќе одамна паднаа и маските на властодршците.