1.3K
Денес се навршуваат 12 години од смртта на легендарната музичка ѕвезда Тоше Проески. Во чест на момчето со неверојатен глас, харизма и хумано срце, медиумите од регионот, но и социјалните мрежи уште од рано наутро се преплавени со негови фотографии, се споделуваат песни, се пишува за разни случки и анегдоти од неговиот живот.
Во спомен на Тоше, премиерно на музичкиот канал Јутјуб завчера беше објавена песната „Светулка божја” во изведба на Тања Кочовска. Стиховите во кои се пее за прерано завршениот живот на младиот човек допреа до јавноста, и песната веќе масовно започна да се споделува.
-На небо кандило Господ ти пали Ангел си негов со рајски глас Моето срце ти прави скали По нив да слезеш пак меѓу нас. Бесмртна душа Господ ти дари Вечен да бидеш на твојот пат Твоите другари ќе бидат стари А ти ќе останеш вечно млад – е рефренот на песната во чест на Проески.
Текстот за неа го напиша професорот Миодраг Врчаковски, аранжманот е на Кире Костов, а музиката на Роберто Панчевски. Лани, во чест на Тоше на 2-ри ноември се одржа голем концерт во Скопје, на кој настапи и неговиот внук од сестра, Кристијан Ристески со песната „We are blood”.
Неговите родители, Доминика и Никола не присуствуваа на настанот. Во разговор за „Фокус” тогаш Славен Ристески, сопругот на Дора, постарата сестра на Тоше, откри дека годините кои што изминуваат се нешто сосема занемарливо кога е во прашање болката на родителите.
-И покрај тоа што ќе пее Кристијан, нивниот внук, тие немаат сили да дојдат, живеат повлечен живот и ништо не може да им ја ублажи болката по изгубениот син – ни изјави минатата година Славен.
Во интервју по смртта на Тоше, неговата сестра Дора раскажуваше дека последниот ден во Крушево, пред да загине, воопшто не му се тргало на пат. Мајка му го будела, а тој и повторувал дека воопшто не му се оди. Тогаш, помалиот син на Дора, Никола, ги сокрил клучевите од автомобилот на Тоше и по многу убедување и молби, со плачење му ги вратил.
И таа, исто како и неговите родители, не се појавува во јавност. Менаџерката на Тоше пак, Лилјана Петровиќ, која до крајот на неговиот живот се грижеше за неговата кариера, пред две години во интервју за „Фокус” изјави дека во медиумите често пати се пласираат невистини за нејзиниот однос со Доминика и Никола. Таа тогаш откри дека се во контакт и дека информациите како десет години не го посетила неговиот гроб се лага.
-Во контакт сум, и во добри односи сум со родителите на Тоше. Не се мразиме, и нема причина за такво нешто. Се видов со нив кога неодамна бев во Крушево. Јас доаѓам таму, но тоа го правам кога не е тој 16 октомври – ни изјави Петровиќ во интервјуто кое го објавивме кон крајот на ноември 2017 година.
Тоше имаше само 26 години кога загина во сообраќајна несреќа на автопатот Загреб – Липовац кај Нова Градишка во Хрватска. Во мигот на несреќата, Тоше се наоѓал на совозачкото седиште во автомобилот кој со голема брзина удрил во приколката на камионот пред него и потоа во крајпатната заштитна ограда. Останатите двајца патници – возачот и негов пријател, Ѓорѓе Георгиевски помина со потешки, додека неговата менаџерка Лилјана со полесни повреди.
Неговото тело беше пренесено во земјава со хеликоптер на АРМ, а наредниот ден беше погребан во родното Крушево со највисоки државни почести. Го оплакуваше цела нација и на плоштадите во земјава народот спонтано излегуваше и палеше свеќи. Постхумно беше прогласен за заслужен граѓанин на Македонија.
Вики Клинчарова