Имајќи ја предвид уникатноста на амбиентот во пресрет на вонредните парламентарни избори закажани за 5 јуни, на кои учествува само една кандидатска листа, Телевизија Телма согласно одредбите на Изборниот законик, одлучи дека нема да ја следи изборната кампања која официјално почна денеска.
„Ваквата одлука ја темелиме на нашите цврсти определби дека нашата мисија е низ разните форми на информативна програма да озвозможиме широк спектар на различни гледишта и ставови, нивно соочување и спротивставување, со што нашите гледачи и јавноста би имале соодветни точни, непристрасни информации врз основа на кои би можеле да ги креираат нивните ставови и одлуки.
Бидејќи со учество на само една кандидатска листа на вонредните избори, не е осигурано едно од основните уставни начела на компетитивност на изборите, Телевизијата одлучи дека во вестите и во посебните форми на информативна програма- дебатни емисии и интервјуа, нема да емитува содржини од и поврзани со кампањата на единствениот носител на листата.
Телевизија Телма останува доследна на своите принципи за професионано известување за сите останати случувања и за сите политички субјекти – принципи кои се потврдени и со последните извештаи од мониторингот на Агенцијата за аудио и аудиовозиелни медиумски услуги и на ОБСЕ – ОДИХР“ велат од Телма.