Текстот е објавен на 2-ри септември 2011-та во неделникот „Фокус“ број 844.
Пишувала
Јадранка КОСТОВА
Од почетокот на плурализмот, сè до ден денешен, властите во Македонија ја доживуваат опозицијата како нужно зло, клип во сите нивни ѓоа реформски агенди. Тие, кутрите, копнеат по некаква “конструктивна опозиција”, иако не разбираат дека најчесто и по правило, власта е деструктивна, особено кога е неограничена и од никого контролирана. Ваквите процеси, после две децении, веќе делуваат траорно, оти, нели, дури и старите комуњари ќе најдеа троа грешки и кај себе, покрај неизбежниот надворешен и внатрешен непријател!
Сепак, ваквата филозофија доживува невиден препород во портокаловиот мандат. Братијата на власт пука со сите орудија по инакумислечките. И тоа го фураат и после шест години веќе апсолутно романтична власт.
Токму затоа, ваквите трендови, со кои патем тие се гордеат, а пците чувари се џилитаат, добиваат загрижувачки димензии. Сценариото оди горе-долу вака: МВР сила демонстрира, партискиот штаб вербално масакрира, медиумски разглас асиситира, а стадото онанира – се разбира, само затоа што “мрсникот”, оној што се дрзнал да ја критикува власта, што го отворил срцето наивно, поведувајќи се по владината кампања, конечно е сотрен!
ВРЕМЕ Е ЗА КАМПАЊАТА – БИДИ МАЖ!
И така, дојдовме до нашиот “демократски” феномен – дозволено е да се критикува опозицијата и да расчеречуваат критичарите на власта, а обратното е анатемисано и опасно по живот. Доколку имате среќа да се спасите од потешките портокалови мерки од креативниот арсенал за казнување на критичарите – затвор, кодош, динамит, стечај – тогаш не ви гине најблагата мерка, тужба за клевета или навреда на пречесните преродбеници.
Всушност, еуфоријата на Груевци од предизборието, да се закануваат со тужби за “вербален деликт”, што потоа се дел од графата “Остваруваме”, сега продолжува и во законодавниот дом, добивајќи апсурдни димензии. Наспроти сериозните пораки однадвор, дека власта ја загрозува слободата на медиумите, од таборот на преродбениците сè поагилно се вергла една опасна теза – дека, всушност, овде станува збор за злоупотреба на слободата на говорот!
Да, не е братијата на власт таа што ги злоупотребува инструментите на моќта, само за да се справи со критичарите, ами овие душманите што ја критикуваат – ја злоупотребуваат слободата на говорот. Туго, мори мајко!
Замислете, според нивниот светоглед, изгледа недемократски да се критикува тој што има апсолутна власт, туку најдемократски е да се мава по мртов Германец! И тоа уште почнаа да си го третираат и како машки, демек храбар потег!
Алармот одамна од жолто блесна во портокалово, ама со најновите манири во Собранието, веќе ја доби и опасната црвена боја. Во неколку наврати, настапите на опозициските пратеници од парламентарната говорница добиваат вратка – ај кажи го тоа надвор, па да видиш што е тужба за клевета!
Ваква “мачо” реплика срочи и социјалистката Владанка Авировиќ, упатена кон сдсмовецот Благоја Стојановски. Ако бил маж, демек, да го каже истото за нејзиниот лидер Ѕинго на прес-конференција, кога не ужива пратенички имунитет. А тогаш, машки ќе си добиел тужба за клевета! Уште повеќе, таа ја обзнани тешката опозициска деформација, барем според нивниот аршин – пратениците на собраниското малцинство ја злоупотребувале слободата на говорот!
А што кажа “клеветникот”? Во расправата за изборот на новите членови на Советот за радиодифузија, како и многумина што целиот проект го доживеаја како битка на Груевци за партиско освојување на уште едно регулаторно тело, направи и една компаратива илустрација. Поентата му беше дека дури и ако Ѕинго и Стојменов ја префрлиле на друго име сопственоста на телевизиите, Сител и Канал 5, сепак, тешко е да поверува дека немаат фактичко влијание во овие медиуми. Тешка дума за клевета!
Значи, наравоучение – Ѕинго нема никакво влијание во ТВ Сител, а сè друго е клевета и лага. Не знам дали тука се подразбираше дека и никогаш до сега немал влијание, или само откако не фигурира како директор неговиот син. Како и да е, сполај му, важно е дека во оваа телевизиска куќа, било какви сопственички промени не се одразуваат на уредувачката политика. Таа и натаму е верна на успесите на преродбеничката мисија.
Тики, со оглед на тоа што и од штабот на ВМРО-ДПМНЕ во предизборието го повикуваа Бранко, со пораката “ако си маж”, а провладините медиуми веќе се џилитаат со повици за мерење патлаци, сметам дека е време да се обмисли една нова владина кампања, “БИДИ МАЖ”, што подразбира во најмала рака да се справиш потоа со тужбата за клевета.
Ете, тужибаби од власта бараат мажи од опозицијата! Чудо невидено!
ДА СЕ УКИНЕ СОБРАНИСКИОТ ТВ КАНАЛ!
Сепак, веќе се оцртува главната мантра на владеачката братија, која ќе ја верглаат до бесвест. Прво, значи, имаме злоупотреба на слобода на говорот. Второ, имаме повеќе опозициски медиуми отколку провладини!
Кога тоа ќе го апсолвирате на купче, солзи сами капат од жал за тешките маки и сопки со кои се соочуваат Груевци. И бидејќи се разнежнувам над немоќните, наспроти оние што машкоста им хиперстазира само кога се до пламенот на моќта, еве, ќе им предложам чаре за ваквите настрани навики на аздисаните опозици-онери.
Не, драги преродбеници, не е доволно само машки да ги тужите за клевета и навреда овие што се пореметени од моќта и од силата на опозиционерската позиција. Оти, бре, не иде да уживаат имунитет за нивните говоранции во парламентот, кога тие тоа злобно, нели, го злоупотребуваат.
Редно е да стокмите едно уставно амандманче. Да се напише јасно дека опозициските пратеници нема да имаат имунитет за тоа што го шлапаат на собраниска говорница. За владеачкото мнозинство, пак, нека си биде како што си било. Тие никогаш, па ни тогаш, не злоупотребиле ваква “направија”.
Што се однесува до медиумите, каде саде клети Бранковци диктираат уредувачки политики, а такви се скоро сите, освен два, три, до четири или пет – има лек. Иако и Бранко нешто настрано “делува”. Зошто? Па, некако слабо ја извршува таа своја мисија.
Зошто, црни Бранко, за писмото од Клинтоница до новиот надворешен министер Никола Попоски, во кое им дели заушки на јадните власти, сардисани од агресивната опозиција, не даде налог да го објават сите десетици и десетици медиуми под твоја контрола?
Вака, сè остана на Утрински, Канал 77 и на Радио Слободна Европа?
Но, срценцава портокалови прават погрешен есап, кога само за да има поголема “брљотка”, ги бројат сите медиуми, па и оние кои ниту вести имаат, ниту политички емисии. Мислам дека аршинот им е рипнат, па како мерка се зема единица медиум од телевизиските разгласи на Груевски, каде катаден се воспеваат само успесите на власта. Сè што е под тоа, нели, е под Бранкови шепи.
И затоа, слободна сум да предложам операција во еден единствен чекор – како да се избалансира медиумскиот простор. Според моето скромно мислење, опозициските пратенички клеветења и навредување на чесната власт доминираат само на една телевизија. На собранискиот, трет канал на МРТВ. Се виде дека се организирале добро душманите, па за секоја точка на дневниот ред, цела пратеничка група се јавува за клеветење.
Така, опозиционерите си обезбедија безмалку целодневна забава на овој јавен ТВ канал. За тоа ли плаќаме ние, граѓаните? Со оваа минутажа, батка, навистина опозицијата доминира во медиумите.
Затоа, решението е просто – само треба да се укинат преносите од Собранието. Нормално, нека се најде како аргумент плус некоја нормална држава, каде што нема вакви преноси, и проблемот е решен. Нека биде тоа Владин канал, посветен само на тие прекрасни чесни суштества, што лоша дума не рекле, што грев на душа немаат, а грандиозните им дела веќе имаат библиски димензии.
И така, без директен пренос на собраниските клеветнички сеанси, плус без пратенички имунитет, ај нека бидат мажи?! Или, нека јадат трици по сокаци и нека распослат клеветнички тешки думи пред маалско гранапче. Секако, оние што ќе се прават супер мажи, па ќе шлапатарат по прес-конференции, ќе си кркаат пресуди за клевета од нашето судство независно. Мислам, независно од опозицијата, ем од законот и од европската пракса!
СЕ СИЛАТ СО СУДСТВОТО ШТО ГО КОНТРОЛИРААТ
Тики, доста беше, да излезам од портокаловиот матрикс. Не многу одамна, иронично забележав дека како што тргнало, наскоро само уште пратениците ќе можат слободно да говорат и да ја анализираат и да ја критикуваат власта. И сега ме јаде јанѕа дека може и ова да доживее преродба во само еден чекор.
Да имаше независно судство, таквите тужби и не ќе беа толку опасна работа. Такви стануваат кога имате тоталитарна власт. Да, и Хилари Клинтон укажа дека Вашингтон е загрижен дека “судските процеси остануваат подложни на политизација и се соочуваат со притисоци од политичарите и од Владата”. Тоа е делот што правоверните медиуми не ѝ го пренесоа на јавноста.
А мажишчата од власта токму пред таквото судство сакаат со опозиционерите да си ги мерат силите, или, што би рекол уредникот на “Дневник” – патлаците. Згора на тоа, ваквите тужби се штанцаат со геометриска прогресија.
И конечно, какви ветришта дуваат денес кај нас: се злоупотребува слободата на говорот или власта со низа потези, меѓу кои и со тужбите, ја загрозува слободата на говорот? При тоа, не мислам само на медиумите, оти со оваа портокалова непогода се соочени и парламентарците.
За полесно да ја расчистите дилемата, ако воопшто ова го доживеавте како дилема, ќе се обидам сега да наведам дел од европските тенденции. Европската конвенција за човекови права, секој од нас може да си ја чита како сака. Арно ама, само пресудите на Европскиот суд за човекови права можат релевантно да ги објаснуваат, интерпретираат и автентично да ги толкуваат одредбите.
Секако, не според нашата автентична формула за толкување на законите, што ја милува преродбеничката групировка. Со други зборови, пресудите од Стразбур мора да се сметаат како обврзувачки за националните судови, па, види белја, дури и за маке-донските. Со трети зборови, Европската конвенција не може да се чита без судската пракса од Стразбур. Иако, впечаток е дека барем во нашите палати на правдата, важат само узансите на преродбата!
Нејсе, она што е алфа и омега од прошетката низ Конвенцијата, ем судската стразбуршка пракса, е дека политичката дебата во нормално демократско општество (ама, ете, не и во демократура од наш калибар) подразбира да има и силни зборови и критицизам. Дури и она што овде веројатно прозвучува како апокалипса – дека токму владата треба да биде толерантна кон ваквите “деструктивни изблици”.
Да бидам конкретна, членот 10 од Конвенцијата, став 1, пропишува заштита на слобода на изразување. Како што објаснуваат експертите, таа го штити изразувањето што носи ризик за нанесување штета, или, всушност, нанесува штета на интересите на други.
Поради тоа, заштитата дадена во овој став ги опфаќа и ставовите изразени од мали групи или ставот на едно лице, дури и кога тоа претставува шок за мнозинството. Ајде и да цитирам: “Толеранцијата кон индивидуалните гледишта е важна компонента на демократскиот систем”.
А И ОПОЗИЦИЈАТА ДА ПОТПИШЕ МЕНИЦИ ЗА ВЕРНОСТ?
Има повеќе пресуди од Европскиот суд за човекови права, кои даваат рамка како треба еден политичар да ги третира нападите кон себе. Политичар кој со своите ставови провоцира, мора да прифати и провокативни изјави за себе (Oberschlick против Австрија, 1997), бидејќи во природата на политичката дебата е употребата на претерани и навредливи зборови (Lopes Gomes da Silva против Португалија, 2000; Roseiro Bento против Португалија, 2006).
Острите политички дебати лесно прераснуваат во лични, а тоа е ризикот кој се прифаќа со учеството во политичкиот живот (Roseiro Bento против Португалија, 2006; Lopes Gomes da Silva против Португалија, 2000).
Е, како некој овде, од нашиве тужибаби, замислува да се води политичка дебата, парламентарна расправа или изборна кампања?! Со хвалоспеви од едната тајфа кон другата? Што подразбираат Груевци под терминот конструктивна опозиција? Да говорат во Собранието како Бети Кузмановска? Да гласаат без задршка за секој владин проект, небаре потпишале меници за верност!
“За прашања од јавна расправа, за време на политичка дебата, во изборна кампања или каде што критиките се насочени кон Владата – политичарите или јавните органи може да очекуваат остар критицизам и силни зборови – и Судот за човекови права ќе ги толерира до поголем степен”. Е, овие портокаловиве таленти, после овој став, ќе треба да фрлат некоја клетва до Стразбур, сосе Брисел, ем кон Клинтоница од Вашингтон.
Ако ова не доволно или не е уверливо, ќе наведам уште еден пример. Во случајот Castells против Шпанија од 1992 година, Судот ќе објасни: “Доминантната позиција што ја има владата неопходно условува таа да се воздржува од кривични постапки за клевета и навреда, особено каде што ѝ се достапни други средства за одговор на неоправдани напади и критики од нејзините противници во медиумите”.
Кое е објаснувањето? Во демократско општество, критиката на оние што ја имаат власта, се мисли и на поединци и на институциите што тие ги запоседнале, е фундаментално право и должност на медиумите, на обичните граѓани и на целото општество. Се разбира, не треба да се споменува опозицијата, оти би било смешно да се очекува нејзината улога да биде поинаква.
Овде, пак, кај нас, фундаментално право е да се критикува или да се тужат опозиционерите, поради критиките на власта! Другите средства за одговор, како демантите, полемиките и репликите во Собранието, не им се изгледа доволно машка направија!
Сепак, имаме уште еден хендикеп. Политички дебати по телевизиите овде се одамна изумрена категорија. Оние телевизиски сеанси на истомисленици, што ги гледаме сега, сигурно не влегуваат во поимот дуел, туку – дует.
Предизборните соочувања, пак, дури добија третман на непотребна, небаре штетна измислица на “гнилиот” Запад. И сега, останува да го дочекаме машки, се разбира, уште денот кога ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ машки ќе го промовираат лекот против “ клеветничките” дискусии во законодавниот дом. Ќе оди курбан имунитетот или ТВ каналот, или нешто уште пооригинално, сеедно.
Судските клевети не им ги задоволуваат страстите, ниту влијаат педагошки на опозицијата.
А ако писне Брисел нешто за слободата на говорот, ќе видат што ќе ги снајде!
Проширени и надградени мерки за Бошкоски
КОГА ЌЕ ВИ ПОМИНЕ МЕРАКОТ, БРАЌА ПРЕРОДБЕНИЦИ?
Кога ќе се одмолчат преседаните, особено оние што го нагрдуваат демократскиот амбиент, тие понатаму прогресираат и стануваат безмалку нормална појава. Бев згрозена и шокирана кога разбрав дека поради изјава во текот на парламентарните избори во 2002-та, Јавниот обвинител покренал тужба против Влатко Ѓорчев, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Гревот на портпаролот беше дека во кампањата изјавил дека откако Ристо Пенов станал градоначалник на Скопје, ја подобрил својата материјална состојба, но и дека кампањата на ЛДП се финансира од градската каса! Ај што се активираше обвинителот, ем што се здадоа на партиски портпарол, туку поради неуредна достава, на десетина дена по претседателските избори, во мај 2004-та, полицијата среде бел ден го приведе Ѓорчев од дома, за сигурно присуство наредниот ден. По неколкучасовната драма, вечерта беше ослободен. Ѓорчев следниот ден се појави пред судот.
Во меѓувреме, се укина одредбата за вакви вербални злосторства да се ангажира обвинителот. Сепак, Груевци овој лош преседан го надградија и проширија, па безмалку се гордеат што тужат портпароли на опозицијата, пратеници што машки клеветеле надвор од Собрание.
А и оној Душко млекарот, кутриот, плати казна поради плакат што го навредува Пастирот. Или, дури и прашањето на Гордан Георгиев за време на изборите – дали од силните пари потрошени за владини кампањи од распишувањето на изборите, а до тој момент ги проценија на 1, 8 милиони евра, се финансира партиската кампања? – доби единствен одговор, најава за тужба за клевета.
Од друга страна, Љубе Бошкоски токму за изјавите дадени во предизборните месеци е опсипан со десетина тужби за клевета. Има од Груевски, неколку од Сашо Мијалков, ама, ете, не ја добил сè уште од Ѕинго, за која обајцата ќе бидеме судени. Дали ваквите клеветнички изјави биле мотив да му биде пуштен своевиден агент-провокатор во улога на донатор? Дали провокаторот доброволно ја прифатил улогата, оти, нели, бил пријател на Љубе, или можеби имало пазар, или, прости ми Боже, уцена од власта?!
Но, ете, веројатно според преродбенички мерила, машки е да го следиш и прислушуваш, најмашки е да го сместиш во Шутка и врв на задоволство во оваа мачо портокалова фурија, е да му бараш и 100.000 евра за нарушена чест и углед! Таман колку што “донираше” агентот двоцевка, кој машки ја изигра ролјата!