Граѓански тужби против Министерството за внатрешни работи (МВР) подготува невладината организација „KHAM“ од Делчево поради, како што велат од асоцијацијата, дискриминацијата на Ромите на граничните премини.
– И покрај позитивната одлука на Уставниот суд, врз Ромите сѐ уште се врши дискриминација и непочитување на нивните основни човекови слободи и права, пред се правото на слободно движење и напуштање на земјата. Се врши и повреда и на Законот за гранична контрола со кој при извршувањето на граничната контрола полициски службеници се должни целосно да го почитуваат човековото достоинство и не смеат да прават дискриминација по било која основа. Директно се повредува Законот за спречување на дискриминација со кој се забранува секоја директна или индиректна дискриминација по било која основа – велат од „КНАМ“
Оттаму потенцираат дека неспорно е оти државата треба да се заштити од опасноста на нарушување на безвизниот режим, но тоа мора да биде на неселективен начин со кој нема да се повреди еднаквоста на граѓаните.
– Поради тие причини ги информираме сите граѓани кои се засегнати од непочитување на овие уставни и законски одредби кои се однесуваат на нивното право на слободно движење и злоупотреба на правото за одбивање на барање за издавање на пасош или виза, одземањето на пасошот и поништување на виза или оштетување на истите, да се обратат во нашата канцеларија за бесплатна правна помош со можност за застапување пред домашните и меѓународните судови – велат од здружението.