Македонското здружение на млади правници поднесе тужба против Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Струга и Јавното претпријатие „Комунално“ Струга поради непреземање мерки за справување со дивата депонија која подолг период постои во градот.
-Опстојувањето на депонијата, без притоа да се почитуваат и извршуваат обврските кои тужените ги имаат врз основа на Законот за животната средина, Законот за управување со отпадот како и националните и локални стратешки документи од областа на управување со отпадот, предизвикуваат сериозни штети на животната средина и здравјето на луѓето.
Врз основа на изготвено вештачење, Македонското здружение на млади правници бара од Основниот суд Струга да утврди дека тужените го повредиле правотo на здрава животна средина, правото на живот, правото на почитување на приватниот и семејниот живот на начин што во периодот од 2006 година до 2021 година не презеле соодветни мерки и активности за спречување, превенирање или намалување на штетните последици по човечкиот живот и здравје предизвикани од загадувањето на животната средина, во контекст на дивата депонија.
Со тужбата МЗМП бара Основниот суд Струга да ги задолжи тужените:
Да забранат понатамошно депонирање на било каков отпад на дивата депонија;
Да извршат деконтаминација и рекултиривање на просторот во и околу дивата депонија преку конкретни задолженија;
Да се изготви и реализира софистициран план за селектирање и рециклирање на отпадот на територијата на Општина Струга, како и да се зајакне капацитетот на инспекциските служби од областа на заштита на животната средина, соопштуваат од здружението.
Тужбата е поднесена преку адвокат Глигорие Ќатоски.