Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека светот мора да го прифати фактот дека започна нова ера на војна, опишувајќи го како најкритичниот момент од крајот на Втората светска војна.
– Живееме во најкритичното време од крајот на Втората светска војна. Следните две години ќе одлучат за сè – изјави Туск во интервју за пет европски весници, меѓу кои и полската „Газета Виборча“, објавено денеска.
Тој рече дека „не сака никого да плаши, но војната повеќе не е минато“.
– Тоа е реално и всушност започна пред повеќе од две години. Она што е највознемирувачко во моментов е фактот дека буквално секое сценарио е можно – рече Туск.
Тој смета дека мора психички да се подготвиме за доаѓањето на нова ера.
– Нашата главна задача треба да биде да ја заштитиме Украина од руската инвазија и да ја одржиме Украина како независна и цела земја. Денеска нејзината (Украина) ситуација е многу потешка отколку пред една година, но и многу подобра отколку на почетокот на војната – објасни Туск.
Тој смета дека е потребен силен сојуз со САД.
– Во исто време мора да бидеме независни и самодоволни во однос на одбраната. Наша задача е да ги негуваме трансатлантските врски, без разлика кој ќе биде американски претседател – рече Туск.