Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан денес ја повика Данска да преземе итни мерки за да го спречи палењето на Куранот, изјави извор од турското Министерство за надворешни работи, пренесува Ројтерс.
Во телефонски разговор со неговиот дански колега Ларс Локе Расмусен, Фидан ги осуди „континуираните гнасни напади врз Куранот“.
Тој му рекол на Расмусен дека е неприфатливо да се дозволат такви акции под превезот на слободата на изразување, рече изворот.
Муслиманите ширум светот го осудуваат сквернавењето на Куранот во Данска и Шведска и велат дека овие напади не можат да се оправдаат со слободата на изразување и дека исламскиот свет треба да биде обединет против ваквите провокации.
Неодамнешното палење на копии на Куранот во Данска и Шведска предизвика официјални реакции и осуди од владите на бројни муслимански земји, а муслиманите ширум светот продолжуваат да негодуваат на овие навреди и провокации, пренесува Ослобоѓење.