Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган синоќа навести дека Турција може да го одобри приемот на Финска во НАТО, но не и на Шведска.
– Доколку е потребно, можеме да дадеме поинаква порака за Финска. Шведска ќе биде шокирана кога ќе дадеме поинаква порака за Финска, рече шефот на турската држава за кандидатурата на двете нордиски земји за членство во НАТО, одговарајќи на прашање за време на средба со млади.
Со оваа изјава Анкара првпат навестува дека е подготвена да ја третира кандидатурата на Финска одделно од кандидатурата на Шведска.
Турција во вторникот го блокираше пристапувањето на Шведска и Финска во НАТО, одложувајќи го на неодредено време трипартитниот состанок првично закажан за почетокот на февруари, кој требаше да ги отстрани приговорите на Анкара за нивната кандидатура.