Турски „Пурпласт“ ќе гради фабрика во ТИРЗ Скопје 2

by Fokus

Турската компанија од автомобилската индустрија „Пурпласт“ ќе гради фабрика во ТИРЗ Скопје 2, во која првично ќе вложи пет милиони евра и ќе отвори 100 работни места. Вкупната инвестиција во фабриката, што според планот, треба да биде отворена следната година, ќе изнесува 12 милиони евра со вкупно 300 вработувања.

Во новиот индустриски капацитет ќе се произведуваат маски и пластични делови за автобусите на „Ван Хол“, како и за многу други брендови на автобуси и камиони.

Плановите за инвестицијата беа соопштени денеска во Владата каде беше потпишан договор за закуп на градежно земјиште со претставниците на „Пурпласт“.

– „Пурпласт“ извезува во 38 држави со 500 вработени. Нашата фабрика во Скопје ќе биде главниот хаб за сите клиенти во Европа, како „Мерцедес“, „Сканија“, Бе-Ем-ВЕ, „Фиат“… „Ван Хол“ е важен клиент лоциран во Скопје и има околу милион евра извоз и со фабриката во Скопје се надеваме дека ќе продолжиме со ваквиот тренд. Ќе ни биде драго да ја прославиме нашата 40-годишнина со отворање на фабриката во Скопје, рече извршниот директор на „Пурплст“, Мехмет Шишманоглу.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев соопшти дека „Пурласт“ во првата фаза ќе гради индустриски објект со површина меѓу осум и 10 илјади квадратни метри со 100 вработувања.

– Имаат свои четири фабрики во Турција, а ова им е прва  фабрика надвор од Турција и во конкуренција од пет држави ја избраа Македонија. Во фабриката ќе произведеуваат компоненти што ќе ги извезуваат за најголемите автомобилски компании на што сме горди, рече Анѓушев.

„Пурпласт“ е основана во 1980 година и произведува пластични делови за автомобилската индустрија, меѓу кои и за „Мерцедес“, Бе-Ем-Ве, „Форд“, „Волво“, МАН и други.

Поврзани новости