Турската полиција денеска приведе најмалку 50 лица откако ЛГБТ заедницата ја одржа годишната Парада на гордоста во Истанбул. Полицијата го спречи пристапот до авенијата Истиклал, традиционалното место за поворката, како и до централниот плоштад Таксим. Блокирани се и блиските улици и јавниот превоз во областа.
Владата предводена од претседателот Реџеп Таип Ердоган и неговата Партија на правдата и развојот (АКП) со исламистички корени ја заостри својата политика кон слободите на луѓето од ЛГБТ заедницата. По неговата победа во вториот круг од претседателските избори минатиот месец, Ердоган ги обвини опозициските партии дека се „про-ЛГБТ“.
Затоа, попладнево стотици луѓе со маици со виножито и ЛГБТ знамиња се собраа во паркот Мистик во населбата Шишли. На блискиот катен паркинг беше закачено големо знаме со виножито, пишува Ројтерс.
Полицијата по поворката приведе повеќе од 50 лица, соопштија организаторите. Канцеларијата на Амнести интернешенел во Турција соопшти дека најмалку едно лице се здобило со повреди на главата за време на притворот. Организаторите рекоа дека Ердоган веќе и го свртел грбот на нивната заедница. „Не ја прифаќаме оваа омраза и политика на отфрлање“, се вели во соопштението на Неделата на гордоста на ЛГБТ на Истанбул.
Хомосексуалноста не е кривично дело во Турција, но многу политички партии не го поддржуваат одржувањето на Парадата на гордоста. Гувернерот на Истанбул, Давут Ѓул, твитна овој месец дека нема да биде дозволена каква било активност што ја загрозува традиционалната семејна структура.