Српскиот турбо фолк пејач Маринко Роквиќ се соочува со кривична пријава за насилничко однесување, откако пред неколку дена на паркинг во трговски центар во Белград физички нападнал момче. Како што информираат српските медиуми, настанот се случил во трговскиот центар Делта Сити, кога Маринко започнал вербална расправија со момче и девојка, поради паркинг место, за кое што тврдел дека е оставено специјално за него. Набргу расправијата преминала во тепачка, девојката добила шамари од пејачот, а момчето се заработило пукната аркада. По инцидентот, пејачот со сопругата продолжил кон трговскиот оставајќи го крвавото момче, кое што повикало полиција. Српската јавност го осуди неговото однесување и на социјалните мрежи тој доби голем број на критики.
Маринко Роквиќ се најде на мета на напади и во Македонија, во 2014 година, кога Стевче Јакимовски, градоначалникот на Карпош, реши да го ангажира за време на манифестацијата по повод триесет и осум годишнината на општината. Тогаш на социјалните мрежи се покренаа неколку иницијативи за промена на одлуката на Јакимовски, а граѓаните на Карпош негодуваа поради специјалниот гостин, образложувајќи дека Карпош е домот на Мизар, Леб и сол, Архангел, Гуру Харе, и како нема потреба од турбо фолк пејачи од страна, покрај големиот број на наши квалитетни музичари. Сепак, Јакимовски остана глув на забелешките и негодувањата на своите сограѓани, и беше еден од најрасположените во публиката, додека настапуваше фолкерот.
Според српски Ало, против Роквиќ ќе биде покрената крвична пријава за насилничко однесување и му се заканува затворска казна до три години.
Вики Клинчарова