Тупанчески: Ветингот може да биде направен и со постојните законски решенија

by Fokus

Компаративните искуства покажаа дека ветингот не се покажа како најдобра алатка за прочистување или филтрација на судството, соопшти денеска министерот за правда Никола Тупанчески одговарајќи на пратеничко прашање на Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците.

Тој го наведе искуството во Албанија, каде ветингот доживеа, како што рече, фијаско затоа што начинот на кој беше спроведен не ги даде очекуваните резултати или не беше постигната целта која беше поставена.

Тупанчески посочи дека имаше долга расправа за тоа дали треба да има ново законско решение за филтрацијата, за ветингот и додаде дека тоа траело подолг временски период.

-Решението остана дека и во рамки на институциите и во рамки на постојните законски и подзаконски акти може да се направи селекција на добри и на лоши судии, или помалку добри. Во таа насока беше донесена методолгијата која значеше симбиоза на попрецизни критериуми околу изборот и разрешувањето на судиите и јавните обвинители, рече Тупанчески.

Додаде дека последните месеци или последната година, Советот на јавни обвинители и Судскиот совет се институциите кои покажаа видливи резултати во однос на она што се нарекува ветинг во фигуративна смисла. Посочи дека имаше повеќе разрешувања на судии, а начинот на кој ќе се избираат новите судии и јавни обвинители веќе е врз основа на новопоставената методолгија која, како што рече, очекуваме дека во најскоро време ќе ги добиеме и резултатите во однос на начинот, квалитетот и стандардите кои се нужни за избор на најквалитетниот судија за едно судиско место.

Министерот за правда изрази надеж дека наскоро ќе добиеме резултати или поместувања  на нештата во позитивна смисла затоа што не може преку ноќ и наеднаш да се анулираат,  да се реформираат недостатоците кои имаат системски карактер.

-Ветингот не мора да биде направен со закон за ветинг. Напротив сметам дека ветингот може да биде направен и со постојните законски решенија и подзаконски решенија. Најважно во целата оваа работа е да се има сериозна волја заради остварување на резултатите, нагласи Тупанчески.

Поврзани новости