Министерот за правда Никола Тупанчески денеска, одговарајќи на новинарско прашање во врска со наводите дека синот на претседателот на Собранието, Талат Џафери положил правосуден испит пред да заврши факултет, истакна дека дефинитивно некој функционер го искористил дискреционото право, потенцирајќи дека доколку постојат случаи кои граничат со примената на законот, тогаш треба да реагираат надлежните институции.
– Доколку навистина постојат случаи коишто се граничат со примената на законот тогаш би требало да реагираат и другите институции. Целата состојба треба да се провери, како што дознав од медиумите, не се работи за еден случај, туку се работи за примена на дискреционо право на именуван функционер. Дефинитивно некој го искористил тоа дискреционо овластување и токму затоа од тие причини законот е изменет за да не постои никаква можност во иднина. Еве јас 10 месеци сум министер, не сум ни помислил да дадам некој предвремено да полага правосуден испит, истакна Тупанчески.