Министерот за правда, Никола Тупанчески, во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека во неговиот ресор се размислува за законски измени со што ќе се спречи т.н. „затворски туризам“.
Терминот и праксата станаа актуелни во последниве месеци, откако високопрофилни осуденици (Сашо Мијалков и претходно Орце Камчев) почнаа да ја користат законската можност да го менуваат живеалиштето за потоа да служат во друг затвор наместо во Скопје.
Конкретно, и Камчев и Мијалков ја сменија адресата во Охрид за да служат во затворот во Струга, кој е од отворен тип.
-Испадна дека Струга е градот на затворски туризам. Се работи нели за закон од отворен тип и се разбира дека и во однос на безбедноста и условите за издржување на казната се попривилегирачки или подобри во однос на другите казнено поправни установи во нашата држава. Правна можност за тоа постои, но она што ние можеме да го направиме како правда во иднина, еве се менува и законот за извршување на санкции, каде што еве како идеја би можело да ставиме, односно би било добро „извршувањето на казната да се врзе со последните 2 години на живеалиште од пред извршување на кривичното дело. На таков начин ние би избегнале оваа апсурдна ситуација, или ситуација која можеби по малку наликува на злоупотреба или излегување од правата рамка, вели Тупанчески во интервјуто.
И Камчев и Мијалков беа обвинети за кривични дела за кои е запретена долга затворска казна, во предметот познат во јавноста како „Империја“. Но и двајцата успеаја да добијат поволни казни со спогодба. По признанието на вина пред Обвинителството, Мијалков доби три години затвор и се согласи да му биде одземен имот во вредност од 30 милиони евра.
Бизнисменот Орце Камчев, пак, се договори за една година затвор и обврска да уплати околу 5,2 милиони евра во државниот буџет.
Прашан што мисли за спогодбите, министерот за правда Тупанчески одговара дека идејата кога тој механизам бил вовеведен била добра, но дека не може да каже дека дал резултат.