Откако во јавноста се јавија голем број на критики за пратениците од власта и опозицијата кои наплатиле огромни суми за патни трошоци денеска со реакција излезе Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ.
Тој рече дека секој ден патувал од Охрид и поминувал пет часа во автомобил. Според него, тој уште пред две седмици на координаторите на другите пратенички групи им дал конкретен предлог со четири разработени алтернативи како да се укинат патните трошоци.
„Моментално, од 120 пратеници, 71 пратеник го задоволува условот да наплаќа за наплаќање за доаѓање на работа, од нив неколку сме што живееме на најголеми растојанија. Ние не сме виновни што живееме во Охрид, Струга, Вевчани, Дебарца, Лабуниша и така натаму. Тоа се пресметува според формула, меѓутоа, знаејќи во каква држава живееме, знаејќи ја економската состојба, знаејќи дека не е во ред за некој месец надоместокот што го добиваме за патните трошоци да биде поголем од платата.
Па зошто ме плаќа мене државата? Да бидам шофер или да бидам пратеник кој ќе учествува во законодавниот процес? И знаејќи дека тоа не е добро регулирано на овој начин како што е регулирано, ние како политичка партија изготвивме неколку алтернативи. Значи и во изборната програма рековме дека ќе го реформираме начинот на исплата на патните трошоци“, рече Тунтев.
Според него, една од алтернативите за намалување на патните трошоци е да се дадат станови за користење на пратениците.
„Значи за време на мандатот да се користи станот, меѓутоа петок, сабота и недела да ни бидат давани како пратеници за да комуницираме со нашите гласачи од каде што доаѓаме. Јас живеам во Охрид, јас имам таму семејство, таму се гласачите, електоратот, јас морам во текот на неделата да сум дома, јас не живеам овде, меѓутоа ако е некако инаку регулирано како што предлагаме тогаш можеме 4 дена да сме овде и на тој начин ќе се намали сумата на трошоците за привремен престој на пратениците“, додаде тој.
Третата алтернатива која ја преедлага е со давање надомест за одвоен живот и за изнајмување стан под кирија.
„Четвртата алтернатива која ја нудиме е хотелско сместување на тендер која ќе се одлучи во Собранието или службите на Собранието, значи ова што ви го кажувам не се импровизации и не е моја желба. Ова што ви го кажувам е производ на една сеопфатна обемна анализа која ја направивме, како, на кој начин и колку се исплаќаат патните трошоци на име на пратеници и јас ова го нарачав по моето доаѓање за пратеник во овој дом, Парламентарниот институт на Собранието на Република Македонија направи компаративна анализа за надоместоците за пратеници во одредени земји, ги зедовме земјите од опкружувањето, Југоисточна Европа и земјите од Европа“, рече Тунтев.