Пратеникот на СДСМ од Охрид, Томислав Тунтев ќе биде новиот координатор на пратеничката група на коалицијата предводена од СДСМ.
Тунтев за „Фокус“ ја потврди информацијата и додава дека за одлуката во петок официјално ќе биде известен претседателот на Собранието.
– Да се биде предложен и избран за координатор на пратеничка група во Собранието на Република Македонија претставува огромна чест. Но, колку што се големи честа и задоволството, уште поголеми се одговорноста и обврските. Само со заедничка соработка со сите пратеници и пратенички групи, со меѓусебна почит и разбирање, со професионално и совесно однесување и со посветено реализирање на работните задачи, можат да бидат постигнати зацртаните цели, што се во интерес на сите граѓани на Република Македонија – истакна Тунтев за „Фокус“.
И.М.