ТУМБОВСКИ кеш донаторот на ВМРО-ДПМНЕ обвинува: Партискиот егзекутор Митко Чавков е до гуша во криминал

by fokus

 

fokusova-arhivaТекстот е објавен на трети јуни 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1078

Пишува: Јадранка КОСТОВА

Неодамна, Нова ТВ објави истражувачка сторија за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ за 2015 година, со наслов што доволно кажува: „Фиктивни донатори и сиромашни службеници“. Речиси во исто време дознавме дека по две и пол години, Обвинителството го затворило случајот за незаконското изборно финансирање на оваа партија, кое беше иницирано откако Самоил Малчевски преку „Фокус“ јавно и одлучно демантираше дека во 2006 година, тој и неговото семејство уплатиле преку банка донација од околу 9 илјади евра.

Тоа беше поводот да се сетиме на Загорац Тумбовски, кој пред две години јавно тврдеше дека токму во 2006 година, во неколку наврати давал кеш пари за ДПМНЕ, на рака на Гордана Јанкулоска, за што приложи и каса-прими докази. Од владејачката партија демантираа, но Јавното обвинителство одмолча вадејќи се на низок степен на сомнеж.

Сепак, при фиктивни донатори, лица што негираат дека уплаќале пари, ем лица кои, пак, тврдат дека давале кеш пари за партијата, степенот на сомнеж ни беше доволно висок за интервју со Тумбовски. Дали можеби „донацијата“ заведена во извештајот од Малчевски, всушност е покритие за кешот што го добивала партијата, меѓу другите и од Тумбовски!?

Загорац Тумбовски е вмровец од 1990 година. Во Табак осигурување бил член на одборот директори од 2004 до 2012 година, но и претседател на надзорниот одбор на Јака табак од 2003 до 2008 година. Има две правосилни пресуди со кои е осуден на казна затвор, за кои тврди дека се нарачани во монтирани судски процеси. Уште тогаш изјавуваше дека главниот полициски извршител е Митко Чавков, но неговото име за пошироката јавност тогаш не беше познато. Денес веќе е министер за внатрешни работи.

За потсетување, Тумбовски и уште неколку лица беа обвинети дека ги измамиле и ги довеле во заблуда Мито и Ване Бојчеви, со тоа што купувале акции во нивно име и плаќале од сметките за кои добиле овластувања и нотарски заверени полномошна испратени од САД, за кои Бојчеви тврдеа дека се фалсификувани. Вештачењето, пак, од МВР не беше во полза на тоа. Мито Бојчев живее и работи во САД повеќе од две децении. Во 2003 година, преку Македонска берза и со кеш од 300.000 евра ја купил ШИК Плачковица. Потоа станува и сопственик на 25 отсто од „Јака табак“.

Основниот суд во Струмица трипати носеше ослободителни пресуди, но Апелацискиот суд во Штип како преседан ќе донесе осудителни пресуди со казни затвор. Тумбовски ќе биде обвинет, а потоа и осуден, и за тргување со акции на берза при инсајдерски информации. Од ДПМНЕ ги омаловажуваа неговите изјави за кеш донациите, токму потенцирајќи дека е „осуден криминалец“, и тоа во бегство.

Но, имајќи предвид како е оценето нашето судство, со политички мотивирани судења, фактот и дека сега имаме СЈО, остава доволно простор да ја слушнеме верзијата на Загорац Тумбовски. Можеби еден ден и лица од врхушката на ДПМНЕ ќе бидат со тапија „осудени криминалци“, ама тоа нема да значи дека може понекогаш да ја говорат и вистината.

Ексклузивно, Тумбовски за „Фокус“ открива дека на оригиналите од каса–прими, кои се на сигурно место, било направено и графолошко вештачење. На нив имало остатоци од индигото, односно траги од други датуми и суми што биле пишувани и издавани претходно за други кеш донации.

Goca i Cavkov

ФОКУС: Од 1990 г. сте во ВМРО-ДПМНЕ, во 1991 г. сте бил член и на првиот извршен комитет на партијата, сте ја помагале финансиски партијата од 2005-2006 година кога лидер е Груевски. Зошто на ваквиот „минат труд“ власта би сакала да ве смести в затвор, со креиран случај?

ТУМБОВСКИ: Тоа беше завера во која главни ликови се Митко Чавков, Никола Груевски и Гордана Јанкулоска. Значи, Груевски бараше и молеше за пари, а Гордана Јанкулоска беше таа што ги земаше парите во кеш и лично ги изготвуваше познатите каса-прими. Очигледно требало да бидат уништени доказите. Улогата на егзекутор беше дадена на Чавков, кој истовремено е поткупен од Мито Бојчев.

ФОКУС: Како поткупен? За да покренат постапка против вас за измама?

ТУМБОВСКИ: Во прашање се 200.000 долари дадени од Бојчев на Чавков и на еден поранешен пратеник од ДПМНЕ. Всушност, хајката или сѐ почна откако ги зедоа големите пари во партијата.

ФОКУС: Колку пари се тоа?

ТУМБОВСКИ: Значи, 350 илјади евра во кеш, што ги давав во неколку наврати кон крајот на 2006 и почетокот на 2007 година, а за сите постојат каса-прими докази. Претходно, за локалните избори во 2005 г. примија пари во кеш и од „Јака табак“. И други 120 илјади евра, пред изборите во 2006 година. Покрај тоа, им префрлавме пари по фактури и на „Аналитико“, и на уште една рекламна агенција (не можам да се сетам на името). Oвие трансакции може да се видат ако се отвори архивата на „Јака табак“ и на „Табак осигурување“.

jankulovska_11041_g-640x360

КЕШОТ ГО  ПОКРИВАЛЕ СО УПЛАТИ ОД ЛИЦА КАКО МАЛЧЕВСКИ?

ФОКУС: Во изјавата што ја дадовте за Телма телевизија рековте дека сите тие пари ѝ се давани на Гордана Јанкулоска. Исклучиво на неа?

ТУМБОВСКИ: Сите 350 илјади евра, како што спомнав, ѝ се давани на рака на Јанкулоска. Но, претходно во договор со Груевски. Обично се случуваше ние да завршиме со состанокот, па одевме во другата канцеларија кај Јанкулоска, а таа потоа ги пополнуваше тие каса-прими и се потпишуваше. Бев запрепастен кога ја слушнав како бесрамно изјави дека никогаш не се сретнала со мене! За волја на вистината, секогаш кога И ги давав парите на Гордана, никогаш не бев сам.

ФОКУС: Зошто од „Јака табак“ и „Табак осигурување“ сте префрлале пари преку сметка на „Аналитико АИ“, фирма во која биле вработени Јанкулоска, Јанакиески, Протуѓер, Канческа, телохранителот Зекиров, која ќе постои од 2005 до 2007 година. Оваа партиска фирма имаше и договор вреден 120.000 евра со Телеком за маркетинг-услуги и продажба на сим-картички.

ТУМБОВСКИ: Ние тогаш имавме проблем од „Јака табак“ за изборите да им даваме пари во кеш.

ФОКУС: А партијата имаше и блокирана сметка.

ТУМБОВСКИ: Да, имаше блокирана сметка, и тоа беше и една од причините. Но, и ние понекогаш не можевме да им даваме во кеш. Директорот Ѓорги Таневски предлагаше тоа да биде за: нафта, трошоци за печатење и слично. Додека, пак, Груевски бараше да се префрлат на сметки што тој ќе ги посочи.

ФОКУС: „Аналитико“ е згасната фирма. Може ли да има траги некаде од тие трансакции?

ТУМБОВСКИ: Траги мора да постојат. „Јака табак“ има стечаен управник. Сега изгледа смешно што Обвинителството го затвори предметот за нелегално финансирање на ДПМНЕ – случајот што го почнаа по изјавата на Самоил Малчески дека тој и неговото семејство не дале околу 9.000 евра на партијата за изборите во 2006, како што пишувало во извештајот на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што банките ги чувале податоците за трансакциите само 5 години. Во секој случај, дали тоа значи дека тие пари, што Малчевски тврди дека не ги дале, се тие што јас им ги давав во кеш?

ФОКУС: Кога ги објавивте пред две години оние каса-прими, со кои донирате 30.000 и 50.000 евра во декември 2006 година, од ВМРО-ДПМНЕ тврдеа дека печатот што бил на каса-прими не е тој на партијата. Баравте графолошко вештачење. Такво нешто не е направено?

ТУМБОВСКИ: Јас најодговорно ви тврдам дека сите каса-прими за кешот што им го дававме, а што ми беа своерачно пополнувани и потпишувани од Јанкулоска, постојат во оригинал. А, ако таа користела лажен печат, тоа е дополнителен криминал. Тогаш кога ќе бидат побарани од институциите во Македонија регуларно, ќе бидат уредно доставени.

МУ СЕ ИСПОЛНИ ЖЕЛБАТА ДА БИДЕ НА ВЛАСТ БАРЕМ 10 ГОДИНИ

ФОКУС: Вашите обвинувања за кеш финансирањето на партијата на Груевски во 2005/2006 г. не ги покренаа институциите.

ТУМБОВСКИ: Јас му пишав отворено писмо на јавниот обвинител  Марко Зврлевски, кој го отфрли предметот, без да ме повика. На новинарско прашање за случајот „Каса-прими“, Зврлевски рече дека бил премногу низок степенот на сомнеж.

ФОКУС: Зошто мислите дека Зврлевски не ги побара оригиналните каса-прими?

ТУМБОВСКИ: Зврлевски има обврска да ги побара, но очигледно, како заштитник на нивните криминали, не го стори тоа. Најверојатно неговиот наследник професионално ќе ја изврши својата должност.  А како се бранеа од ДПМНЕ? Она гебелсчето од Велес се појави и зборуваше дека сум осуден криминалец, фалсификатор и слично, а не знам во кое својство зборуваше и ги бранеше Груевски и Јанкулоска, кога самиот во тој период ниту бил присутен, ниту сум го познавал.

ФОКУС: Кога прекинавте да ѝ давате пари на партијата?

ТУМБОВСКИ: Во февруари, 2007 година.

ФОКУС: А кога Груевски е премиер од 2006 летото, каде одат каса-прими трансакциите? Во Влада или во партиското седиште?

ТУМБОВСКИ: Исклучиво во партијата. Повеќето средби беа во партијата, само двапати сме се виделе во неговиот кабинет. Но, тоа уште на почетокот, две-три седмици откако стана премиер. Заедно со Ѓорги Таневски бевме поканети во кабинетот на премиерот, кој лично ни се заблагодари за поддршката, а и не криеше дека има желба барем 10 години да остане на власт. Му посакавме тоа да му се случи, и еве, му се случи. Да побараше повеќе, можеби ќе му се оствареше, ама толку е.

ФОКУС: Зошто прекинува контактот во февруари 2007 година?

ТУМБОВСКИ: Последната средба е кон крајот на јануари 2007 година. Тогаш покренаа постапка со наводно оштетениот Мито Бојчев и ни беа блокирани средствата од продажбата на акциите од „Табак осигурување“. Почувствувавме дека почнуваат да нѐ местат и дека нѐ прислушуваат. Груевски ми кажа мене и на Таневски. На таа средба присуствуваа и Роберт Блажевски, Крсте Блажевски и Ѓорѓи Теневски.

ФОКУС: Зошто вака групно бевте на средбата?

ТУМБОВСКИ: Затоа што освен моите, беа блокирани и средствата на Роберт и Крсте. Ги носев сите документи да му кажам дека предметот е чист, дека се прави конструкција и дека конструкцијата ја води Митко Чавков. Тој тогаш ми призна дека во декември, во кабинетот го примил Мито Бојчев по препорака на Чавков. Потоа ми кажа в лице дека Мито Бојчев му рекол „не сакам ништо, сакам само да ги затворите“. Толку му се брзаше, што предметот така незавршен, Митко Чавков го праќа во Јавното обвинителство за организиран криминал, кај Јован Илиевски, конкретно кај обвинителката Вилма Русковска. Таа повикува на разговор неколку луѓе, јас тогаш не бев во првата фаза обвинет, и се изјаснува дека нема кривично дело. Не знаејќи што да прават, предметот го држат до март и го праќаат во Струмица. Таму почнува предистражна постапка. Сметките останаа блокирани. Но, истражниот судија оценува дека нема доволно докази и ни ги ослободува парите. Утредента, веднаш случајот оди на Апелација во Штип, по жалба од Јавно обвинителство и парите повторно ни ги блокираат. Хајката веќе е почната.

 

ОБВИНИТЕЛКАТА ПРИЗНА ДЕКА ИМА ПРИТИСОК ОД ЧАВКОВ

 

ФОКУС: И медиумски беше третиран случајот

ТУМБОВСКИ: Да, Мито Бојчев излезе тогаш во еден весник, по ургенција на Чавков и почна да се прави приказна. Немаше никакво обвинение. Во октомври, на денот кога Тоше Проески загина во сообраќајна несреќа, го покренаа обвинението. Сите документи, сите докази со кои располагаме ги дадовме на суд и почна процес. Судијката добивала анонимни писма против нас. Донесена е ослободителна пресуда, но обвинителството поднесува жалба. Апелација во Штип е под силен притисок, судијката која е претседател на судскиот совет не знае што да прави и го враќа предметот поради процедурални забелешки на повторно судење. Судењето почнува по вторпат. Повторно се влечевме, околу година-две. Судијката повторно донесува ослободителна пресуда, уште појасна, почитлива, се направи дополнително графолошко вештачење, се направи анализа, сѐ што беше потребно.

ФОКУС: И повторно, втора жалба од обвинителството до Апелацискиот суд во Штип?

ТУМБОВСКИ: Да, обвинителката си призна во судот дека има страшен притисок, и тоа лично од Чавков. Јавно го кажа тоа. И така си ја прегриза устата, во смисла „што направив јас“. Од Апелацискиот суд во Штип го враќаат предметот повторно пред основниот суд, веќе не знаат зошто, бараат нешто дополнително. Ја менуваат судијката и предметот го доделуваат кај друг судија од струмичкиот суд. Прво кај еден судија, но бидејќи тој одлучувал нешто во процесот, го менуваат и предметот го презема претседателот на судот Емил Глигоров. Судијата закажува рочиште, трето судење во Струмица, третпат се донесува ослободителна пресуда. На денот на донесувањето ослободителна пресуда, имам сознанија дека бил вршен огромен притисок за да бидеме осудени, а подоцна дознав дека тој судија е деградиран.

ФОКУС: Обвинителството и по третпат се жали?

ТУМБОВСКИ: Откако донесоа трета ослободителна пресуда, повторно предметот оди на Апелација. И без никакви докази, контрадикторно и на своите претходни забелешки, носат апсурдна пресуда: Загорац Тумбовски 6 години затвор, Ѓорѓи Теневски 4 и пол години затвор, Здравко Тумбовски 3 години, Блаже Србиновски 3 години и Лефко Таневски 2 и пол години. Следуваше право на жалба до Врховен суд. Кога предметот доаѓа во Врховен суд, имаме конкретни сознанија дека е правена невидена тортура за случајот.

ФОКУС: Во која смисла тортура?

ТУМБОВСКИ: Првично судијката кај која е предметот сака да биде случајот вратен пред основниот суд. Но, Чавков прави толку силен притисок, што предметот го даваат кај друг врховен судија, Ристо Катавеновски. Претседателот на судот, Јово Вангелов, во претходна постапка им беше адвокат на Роберт и на Крсте Блажевски. Законски тој не смееше да биде во судскиот совет и да одлучува по предметот. Тој им барал 600 илјади евра. Потоа им ја кренал тарифата на еден милион. Тоа го разбрав лично од Роберт Блажевски. Врховниот суд не го решава предметот до мај 2013 година. Бевме убедени дека случајот ќе се реши позитивно. Чавков оди двапати со уште некој од УБК, го земаат предметот од Врховен суд и го носат во кабинет кај Груевски. Тогаш му биле однесени уште неколку актуелни предмети.

grujo


НАРАЧУВААТ И ДИКТИРААТ ПРЕСУДИ

ФОКУС: Груевски земал предмети од Врховен и ги носел во премиерскиот кабинет!? Значи знаеле и судиите, и тоа не им пречело?

ТУМБОВСКИ: Да,така е, а за тоа знаат барем неколку судии. Исто така, знам дека Јово Вангелов сам ја има потпишано нашата пресуда, иако не е претседател на судскиот совет кој одлучувал. Јово Вангелов имал нешто што требало да одработи (наводно, бил држен во неизвесност поради кривична пресуда на свој близок). Груевски заедно со Чавков си нарачуваат и диктираат пресуди по своја мерка.

ФОКУС: Пред две години, на Телма изјавивте дека Чавков е главниот егзекутор на Груевски уште од 2006 година.

ТУМБОВСКИ: Тој е дел од злосторничкото здружение, од почеток. Од прислушуваните разговори се гледа дека Јанкулоска му се јавува нему, a тој како тивок извршител, буквално е послушен за сѐ. Покорен, сѐ додека стекне поголема доверба кај нив, а во меѓувреме му e дозволено и овозможено да се збогатува. По 2008/2009 година почнува да ги открива „поволностите“ на јавните набавки што се до 5.000 евра. Стекнува огромен капитал во Куманово и во Струмица за кој нема никакво потекло на имот. Сето ова, во една идна постапка ќе се докаже дека е стекнато на коруптивен начин и со злоупотреба на функцијата.

ФОКУС: Дали сите овие притисоци врз судии и другите сведоци би можело еден ден да се докажат, би сведочеле ли тие луѓе?

ТУМБОВСКИ: Апсолутно. Некои се живи, некои не се, некои се во затвор. Мислам дека ќе ја кажат вистината зашто повеќето се невини и гневни – жртви на режимот на Груевски. Посебно во периодот кога ја дадов изјавата за Телма, имам информација дека Ѓорѓи Теневски бил малтретиран, заплашуван и со месеци држен во самица.

ФОКУС: Каква постапка водите во Стразбур?

ТУМБОВСКИ: Аплицирав во октомври 2013 година по неколку основи. Предметот е земен во работа.

ФОКУС: Постојано го потенцирате Чавков, дали мислите дека Груевски може бил заведен од она што му го пласира Чавков?

ТУМБОВСКИ: Не можам да знам кој кого заведува. Знам дека Чавков бара од Груевски и од Мијалков поддршка за нашето елиминирање и ја добива. Ослободителните пресуди од судот во Струмица, Чавков ги користи пред Груевски како алиби за нивното влијание во идните пресуди. Целта е да прикажат дека затвораат луѓе од своите редови за добивање политички поени, односно нѐ деградираат за да ги уништат доказите за парите.

САКАА ДА ГО НАМЕСТАТ И СИН МИ

ФОКУС: Зошто отвараат втор судски процес против вас?

ТУМБОВСКИ: Се плашеа дека немаат докази за процесот што се водеше пред судот во Струмица, дека е чист предметот, и ајде сега да отвориме што е можно повеќе предмети и да ги прикажеме како криминалци. Меѓутоа, суштината сакам да ја кажам и од друга страна. Во измислениот втор предмет за „инсајдерство“ во Скопје, каде што повторно нѐ осудија, судијата Јани Нича кога требало да почне да ја чита пресудата, во судницата се наоѓаше мојот син, кој забележал двајца инспектори како излегуваат од кај судијата. По подолго чекање и доцнење на закажаното читање на пресудата, судијата Јани Нича од збунетост се обратил со зборовите: „Обвинетите ја докажаа својата невиност“, а потоа збунето продолжил да ја чита најверојатно тазе напишаната осудителна пресуда.

ФОКУС: Слично како Љубе Бошкоски, прво „Кампања“, па потоа „Ровер“.

ТУМБОВСКИ: Има уште циркуси. Еден курир ми донесе покана за на суд на која пишуваше Загорац Тумбовски. Ја примив, се потпишав, за потоа да излезе дека таа била наменета за Мито Бојчев, а не за мене. Дали судот намерно згрешил? Судијата го суспендираа, курирот добива кривична пријава, а се разбира и јас. Многу судии во тој период како и денес полтронски се прават невини, демек поради притисок морале да ги носат одлуките. На таквите судии не треба да им се прости. Значи, тие се најголемите извршители на злоделото. Истото беше и во Штип. Митко Чавков му вршел притисок директно на Стојанчо Рибарски, тоj е претседателот на Апелацискиот суд во Штип, а тој, пак, вршел директно притисок врз судиската тројка што по три ослободителни пресуди досуди казни затвор. Апсурд!

ФОКУС: Зошто во 2014 година одлучивте да излезете во јавност со изјавите за кеш финансирање на партијата на Груевски, ем обвинувања за режирани судски пресуди?

ТУМБОВСКИ: Јас сум многу револтиран од сите режирани пресуди што ми ги наместија. Искрен сум и сите луѓе ги гледам в очи и секогаш ја кажувам вистината. Кога грешам, знам да се повлечам или едноставно да си ја признам вината. Кога опозицијата објави некои корупциско – криминални скандали за владата, но и лично за Груевски, и кога претседателот на СДСМ Зоран Заев ги покажа каса-прими доказите за кеш донациите, гневен од реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ дека тоа биле фалсификати, решив лично да потврдам дека Груевски и Јанкулоска лажат пред целата македонска јавност.

ФОКУС: Тврдите дека ги поседувате оригиналите?

ТУМБОВСКИ: Уште кога бев во притвор 2009 година, зборував дека поседувам еден куп документи, па извршија претрес во мојот дом, при што беа одземени многу предмети, меѓу кои и една копија од објавените каса-прими и нотес во кој беа испишани по датум и сума дадените пари на ВМРО-ДПМНЕ. За тоа имам потврда издадена од МВР за одземени предмети и истите до ден денес се наоѓаат во судот. И кога Чавков по неколку дена дојде во притвор, ми зборуваше за овие каса –прими. Потоа следеа жестоки притисоци и закани кон мене и кон моето семејство. На пример, син ми повеќепати беше запиран и претресуван од специјалната единица Алфи. Имавме сознанија дека сакаа да му подметнат и да го наместат, но и дека размислуваат за моја ликвидација.

 

ПРЕД ДА ДАДАМ ИЗЈАВА ИМАШЕ РЕШЕНИЕ ЗА ПРИТВОР

 

ФОКУС: Зошто Чавков како шеф на организиран криминал во МВР, како што споменавте, ве посетил во притвор?

ТУМБОВСКИ: Да, десеттиот ден во притворот дојдоа стражари во мојата ќелија и ме повикаа на разговор во друга просторија. Tаму беа Чавков, Тони Јанковски и Часлав Станковиќ. Јас им велам, извинете, без налог од истражен судија и без мојот адвокат, јас со вас нема да разговарам. Тие, всушност, дојдоа да ми понудат да ја сменам изјавата што ја имав дадено пред истражниот судија во Скопје. Бараа да го обвинам мојот адвокат. Ми предлагаа: „aко сакаш да се ослободиш и да не гниеш тука 15 години, еве кажи дека адвокатот давал пари на судии“. Јас останав само 45 минути, им реков ова ви е незаконско испрашување и поради ова ќе падне целиот предмет. Само рекоа „значи не сакаш да соработуваш“ и си заминаа. Утредента дознав дека со Блаже биле цели 6 часа, а бил и малтретиран.

ФОКУС: Во годините кога се одвиваат судските процеси против вас во Македонија, бевте ли под полициска присмотра?

ТУМБОВСКИ: Во Македонија бев следен на секој чекор. Дури веќе ги знаев и луѓето. Најчесто беа во „рено меган“ со сина боја со регистерски таблички СК-520 НМ, а еден што ме следеше се викаше Игор. Секој ден ние си имавме придружба, и јас и сопругата и децата. Дента кога ме уапсија, всушност ми рекоа дека треба да појдам во полиција само за да дадам изјава, но кога се симнав долу, ми се нафрлија со автомати и со пушки. Моето апсење беше снимано од МВР. Го слушав разговорот како ги договараат камерите да дојдат и да снимаат за спроведувањето во суд. Сѐ уште немав дадено изјава пред истражен судија, видов како инспекторот Часлав Станковиќ, извршителот на Чавков, донесе готови решенија за притвор. А сега една недела судијата не може да донесе решение дали пасошите на Јанкулоска или Јанакиески да им бидат одземени. Каква е таа правда? Селективна, очигледно.

ФОКУС: Го знаете Чавков од претходно, пред овие процеси?
ТУМБОВСКИ
: Не, за него слушнав првпат од Гордана Јанкулоска, кон крајот на 2006 или почетокот на 2007 година, и дека тој е подносител на посебниот извештај до ЈО. Потоа, тој сакаше да воспостави контакт со мене преку посредник, негов поранешен колега од Струмица. Ме поканија на ручек, тоа е уште пред притворот. Беше заедно со Тони Јанковски. Чавков почна да ме распрашува за „Сава табак“. Сфатив дека човекот се гребе и дека сака да прави кариера во МВР на наша штета.

 

КОГА ЌЕ ЗАВРШИ ВО ЗАТВОР, ЌЕ СЕ СЕТИ ДЕКА СЕ ПОЗНАВАМЕ

 

ФОКУС: Оптимист ли сте дека ќе одговараат за злоделата?

ТУМБОВСКИ: Сигурно ќе одговараат. Мора да одговараат. Овој предмет тие мислат дека е затворен, мислат дека го ставиле во фиока, меѓутоа јас го предадов точно навреме за да може секогаш да се отвори тој предмет. Не може да застари, јас ќе се вратам ако постои независна институција да ги земе каса-прими белешките, да ги вештачи и Гордана да заврши в затвор. Се надевам дека тогаш таму ќе се сети дека се познаваме.

ФОКУС: Каде се оригиналите од каса-прими донациите?

ТУМБОВСКИ: На сигурно место, а направено е и графолошко вештачење. На нив има остатоци и од индигото, односно траги од други датуми и суми што се пишувани и издавани од претходно.

ФОКУС: Кога ја гледавте Јанкулоска, сте помислувале ли дека таа ќе биде дрматор во ВМРО?

ТУМБОВСКИ: Претпоставував, бидејќи уште на првите средби забележав дека е човек од доверба на Груевски. Првпат ја запознав пред локалните избори 2005 година, кога ѝ дадовме 500 позлатени лавчиња во вид на значки, произведени во „Голдмак Радовиш“. Со фактот дека Груевски бараше парите исклучиво да ѝ ги предаваме нејзе, ми се потврди дека веќе е дрматор.

ФОКУС: „Јака табак“ повеќе не постои, ама „Табак осигурување“ преживеа?
ТУМБОВСКИ: Тие се наострија и имаа намера да ги уништат двете компании. „Јака табак“ ја уништија преку монтираниот процес за тутуните од стокови резерви. Иако „Јака табак“ беше успешна компанија. Одговорно тврдам дека Груевски и Чавков се гробарите на „Јака табак“. „Табак осигурување“ ја имаше таа среќа што во меѓувреме беше продадена на словенечката „Сава Ре“. Знам и сведок сум кога Груевски имаше средба со генералниот директор на „Сава“, инаку бивш министер за финансии на Словенија. Пред средбата во владата во Скопје, Груевски го замолил директорот да не доаѓа со мене. Кога заврши средбата, директорот на „Сава Ре“ за Груевски рече дека таков човек во животот немал видено. Ми рече: Ниту еднаш не ме погледна в очи и ништо не можев да разберам што сакаше да каже. Тоа беше на почетокот на неговото владеење. Еве, и по 10 години, уште никој ништо не може да го разбере.

МОНТИРАН ПРОЦЕС СО ЛАЖНИ ПОЛНОМОШТВА

 

ФОКУС: Тврдевте дека во судскиот процес против вас се подметнати фалсификат документи. Како е можно тоа?

ТУМБОВСКИ: Постојат само две оригинални полномоштва и само со тие е тргувано на македонската берза во ноември 2005 година. Без никакви забелешки и приговори. Дури, една година подоцна, во ноември 2006 година, Мито Бојчев и Митко Чавков, кој е началник на организиран криминал во Скопје, подметнуваат други две полномоштва, со сосема друг текст, без да докажат како се нашле во организиран криминал, но доволно да почнат со монтираниот процес. За разлика од тие две полномоштва, оригиналите се испратени од Мито Бојчев во 2005 година по ДХЛ и истите се подигнати во Скопје од мене и Роберт Блажевски. Лажните полномоштва на Чавков и Бојчев со судско финансиско вештачење беа утврдени како невалидни. Полномоштвата од 2005 година беа вештачени графолошки во криминалистичка техника при МВР и утврдија дека скриптер и на двете полномоштва е лично Мито Бојчев.

ГИ СОЧУВАВ ДОКАЗИТЕ ЗА КОРУМПИРАНАТА ВЛАСТ

ФОКУС: Кога заминавте, поточно избегавте од Македонија?

ТУМБОВСКИ: Јас се јавував на сите рочишта во судовите во Македонија. Ги чекав пресудите до јуни 2013 година. Интуицијата ме наведе дека правдата нема да победи и дека морам да преземам мерки на претпазливост за да не паднам во немилост на моите непријатели. Среќен сум што навреме успеав да се спасам од неправдата и успеав да ги сочувам доказите за корумпираната власт.

cas-1

ЧАВКОВ ЌЕ ЈА ПОДГОТВИ КАШАТА ВО КОЈА САМИ ЌЕ СЕ ЈАДАТ

 

ФОКУС: Верувате ли дека Чавков е главниот за вашите осудителни пресуди?

ТУМБОВСКИ: Се разбира. Груевски врши притисок врз Врховниот суд, ама Чавков е главниот во притисоците врз судиите и обвинителот од Струмица и од штипска апелација. Во старите македонски песни, птицата чавка е злобна птица и не случајно му е такво презимето. Знаејќи дека е недостоен за функциите што му ги доделија, а подготвен секогаш да ги жртвува другите за сопствен спас, и како што е корумпиран, непоткован и полн со интриги и злоба, Чавков лично ќе ја подготви кашата во која сами ќе се јадат.

ГРУЕВСКИ ЌЕ ГЛАСА ЕДЕН ДЕН ПРЕД ДАТУМОТ ЗА ИЗБОРИ

 

ФОКУС: Кога од ДПМНЕ реплицираа за објавените каса-прими донации за партијата, нивната главна „одбрана“ е дека вие сте осуден криминалец, со две пресуди. Но, се врти тркалото, цело време го ословуваа Заев како аболираниот криминалец, а сега тие станаа аболирани, ама и одболирани. Јанкулоска, пак, има дури над десет случаи пред СЈО. Дали сметате дека сите овие што ги сметате за ваши џелати, ќе бидат еден ден „осудени криминалци“?

ТУМБОВСКИ: Да, очекувам нивниот криминал да се потврди многу јасно. Исто така, мое лично верување е дека изборите можат да бидат регуларно одржани тогаш кога Груевски ќе гласа еден ден пред датумот за избори. Значи, од Шутка или од Идризово.

 

 

 

 

Поврзани новости