Адвокатот Владимир Туфегџиќ, кој до пред само половина година беше судија во Кривичниот суд, во интервју за неделникот „Фокус“ вели дека немал директни притисоци додека постапувал по предметот „Таргет и Тврдина“, иако го осуди на затворска казна Сашо Мијалков.
-Одговорно тврдам дека директни притисоци во текот на таа кривична постапка немаше, иако имаше шпекулации во јавноста и на социјалните мрежи во финалето на судската постапка, дека Сашо Мијалков нема да биде осуден, дека наместо притвор, ќе добие домашен притвор по објава на пресудата, имаше разни лицитирања во кои се спомнувани и имиња на политичари, вели Туфегџиќ.
Предметот веќе со месеци е во Апелација, а се погласно се шпекулира дека е можно да падне првостепената пресуда, што пак би довело до застарување. На прашањето дали може да замисли ваква завршница, поранешниот судија вели:
-Во една пригода веќе изјавив дека судечкиот совет смета дека донел правилна одлука и дека секако ќе треба и мора да се почитува одлуката на Апелациониот суд Скопје и неспорно е дека настапила застареност за кривично гонење во текот на жалбената постапка за едно кривично дело, а каква ќе биде завршницата, зависи од одлуката на повисокиот суд.
Ако биде укината, тогаш процесот почнува одново, дали тоа на некого му се допаѓало или не, сите докази ќе мора да се изведат одново и оваа кривична постапка ќе трае, тука нема простор за емоции, и покрај желбите и расположението во јавноста тоа да не се случи.
Извесно е дека свое влијание во оваа постапка ќе има одлуката на ЕСЧП, која, според моите сознанија, е во финална фаза, и тоа по однос на прашањето за влијанието на помилувањето од страна на тогашниот претседател на државата на оваа кривична постапка.
Така што, едно се желбите да се оконча постапката за нелегалното прислушување, а друго е реалноста која во овој случај зависи исклучиво од законот, одлуката на повисокиот суд и евентуално од одлуката на ЕСЧП. Таа реалност ќе мора да ја прифатиме и да ја почитуваме, вели Туфегџиќ.
Разговараше: Валентина Вурмо
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК