Нема опасност од излевање на реките, но можно е заезерување на дел од помалите реки и водотеците, иако водостојот секојдневно се покачува, уверуваат денеска од Центарот за управување со кризи (ЦУК), пренесува ПлусИнфо.
-Речните корита се уште имаат капацитет да ги прифатат зголемените количини на вода од водотеците. Има осцилации на прилив на вода во реките како резултат на температурните разлики во текот на денот и ноќта како и поради врнежите од дожд кои го топат снегот. Дел од реките имаат зголемен водостој но засега нема опасност од излевање на реките, велат од ЦУК.
Според информациите од Управата за хидрометеоролошки работи, најголемо покачување на нивото на водата во речните корита има на реките: Вардар, Радика, Треска, Сатеска, Црна Река и Брегалница, а на другите реки има благо покачување на новото на водата. Врнежите од дожд влијаат на топење на снегот, а тоа го зголемува нивото на вода во водотеците.