Ѓоко Ѓорчев со нов проект: Погребав четири драги луѓе, но не престанувам да пеам

by fokus 12:23
12:23

 

Поп пејачот Ѓоко Ѓорчев во април ќе слави јубилеј, дваесет и пет години на сцената. По тој повод, неготинчанецот ветува голем концерт во МОБ, со голем број на гости од земјава и регионов, а целиот проект ќе биде под мотото ,,My way’’ една од неговите омилени нумери. Македонскиот Том Џонс, како што го нарекуваат во јавноста со децении, вели дека ова е само еден начин да и каже на публиката благодарам, и не значи крај на неговите концерти, туку напротив, во план му била и голема турнеја низ сите поголеми градови во земјава.

„Се уште се прецизираат сите поединости околу настанот, кој што треба да се случи во втората половина  на месец април годинава. Веќе е потврдено присуството на многу мои колеги – гости, и се потрудив да ги има од сите жанрови на музика, од поп пејачи, до фолк, и рок музичари. Сакам сите во публиката да уживаат во настанот, кој што лично мене, многу ми значи. Веќе сум во шеесеттите години на животот, но сакам на сите да им покажам дека ако во душа си млад, годините се само бројка, и моите концерти во иднина ќе ги има во голем број. Да сме живи и здрави, па да славиме и триесет години на сцена, четирисет, педесет… Голема поддршка околу концертот добив од мои соработници, врвни композитори, сите ми кажаа дека правам прав потег, во време кога на нашата сцена се случуваат се помалку квалтитетни настани. Исто така, морам да ја спомнам и винаријата ,,Бовин’’ која што застана зад настанот, како главен покровител. А кога професионалци од разни бранши те поддржуваат, тоа секако дека многу значи“ – вели Ѓорчев, кој што зад себе има шест албуми, а неговите песни беа едни од најслушаните во деведесеттите години на минатиот век.

Тој исто така додава дека мотото на настанот „My way“ („На мој начин“) не е случајно избрано. Таа песна на некој начин го обележала неговиот живот, полн со падови и подеми.

„Во животот имав убави и лоши моменти. Секогаш се трудев да бидам весел, да ширам една позитивна енергија во животот на останатите луѓе, оти сакам да бидам запомнет како човек кој што оставил само убави спомени. Имав неколку семејни трагедии, и тоа за краток период, го изгубив татко ми, брат ми, мојот прв братучед, актерот Бранко Ѓорчев,мајка ми… Сето тоа се случуваше за само неколку години, значи добивав удар по удар. За било кој човек тоа е доста тешко, а посебно за некој кој што цел живот пеел. Значи, да се земе микрофонот во рака, по сето зло кое што ми се случи, беше доста мачна одлука. Но јас тоа го сторив, како што би рекол, на мој начин, се изборив со тагата, и продолжив со музиката. Сите мои блиски кои што ме напуштија, ќе беа горди на мене и на мојата одлука да продолжам да пејам, да правам концерти, да го оставам срцето на сцената. Затоа, на овој значаен јубилеј, ќе го славам животот, заедно со моите пријатели, со публиката која што не ме напушти сите овие години, и која што секако заслужува вакви настани“ – раскажа Ѓорчев.

Во септември тој имаше хуманитарен концерт во Неготино, за помош на семејствата кои што настрадаа во поплавите во Скопје.

Вики Клинчарова

Поврзани новости