Од Центарот за управување со кризи денеска побараа поддршка од граѓаните за справување со пожарите и апелираа во наредните денови да се воздржат од правење скари и палење огнови на отворено. Исто така, од таму побараа граѓаните да внимаваат да не фрлаат отпушоци, бидејќи тие се едни од главните причинители за почеток на пожар.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, информираше дека ќе побараат од ЕВН да ги проверат нивните жици, бидејќи потврдено е дека во некои случаи пожарот настанал од искрење на жиците на бандери или далекуводи, како што, според него, е случајот со пожарот во Богословец.
Моментално, во десетина општини во помал или поголем обем активни се пожари на кои активно се делува со сите расположиви сили, порача Горан Стојановски од ЦУК, истакнувајќи дека најкритично е територијата на општините Делчево, Пехчево и Берово, каде делуваат три хеликоптери.
Во текот на ноќта постоеше опасност пожарот од Свети Николе да се префрли во правец на Штип, но бил локализиран. Од утрово, поради силниот ветер, пак, постои опасност од ширење на пожарот кон Карбинци. Во Прилеп, пак, активни се пожарите кај Топлица, Ракле и Никодин, а кај Бељаковце делува еден хеликоптер.
Вчера, на територијата на Скопје имаше 18 пожари, од кои 17 се ликвидирани. Активен е пожарот на територијата на општина Сарај, но во текот на ноќта бил локализиран. Има активни помали пожари и на територијата на општините во Охрид и Велес кои се локализирани, а вчера се угасени два пожара и во Кавадарци.