Ахмети го брани Груевски и го штеди Заев, тие го демантираат за тајните средби за КЗ!

Албанците не го сакаа Груевски зашто се создаде таква медиумска атмосфера во минатото. Ако еден човек се напаѓа медиумски секој ден, така се создава перцепција. Но, Груевски беше премиер на оваа држава 10 години, тој бил премиер и на Албанците, да не бидеме егоисти, да бидеме рационални, зашто како прво сме луѓе. Сега да шириш омраза..., рече Ахмети.

by Фокус

Поранешните премиери Зоран Заев и Никола Груевски го демантираат лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој рече дека со поранешните лидери на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ остварил низа тајни средби за измените на Кривичниот законик, кои се усвоија дури сега, така што се намалија казните за „злоупотреба на службена положба“ и „злосторничко здружување“.

Не е точно дека сум имал тајни средби со Али Ахмети и Никола Груевски за Кривичниот законик – кусо изјави Заев за медиумите, без да даде поконретен став што мисли за законските измени со кои се овозможува побрзо застарување на дела на многумина сегашни и поранешни функционери од различни политички провиниенции.

Што се однесува до Груевски, тој се огласи на Фејсбук, каде меѓудругото вели дека немало никакви тајни средби за членот 353 на кои учествувал. Според него, овој член за „злоупотреба на службена положба“ бил споменуван како „несоодветен на кривичното законодавство во ЕУ“ на маргините на други состаноци организирани за правни прашања на различни нивоа до 2018 година.

Но, никогаш не се влезе во некоја фаза на реализација, бидејќи во тоа време приоритет на власта беше што посилен да е политичкиот прогон, а не усогласување на законодатвстото со ЕУ, особено ако тоа може да им попречи во злосторничките намери на Заев“, пишува Груевски, тврдејќи дека од никого не барал да бара амнестија за него од претседателот Стево Пендаровски.

Пендаровски потврди дека бил консултиран за помилување на Груевски: Не би го направил тоа никогаш!

 

Гаши смета оти Пендаровски потврдил дека Ахмети барал амнестија на Груевски!

 

Ахмети тврдел дека има план за Груевски – ќе помогне од далечина или ќе се врати во земјава?

Тој додава дека за средбите кои ВМРО-ДПМНЕ ги прекинало „пред 3-4 години“, како што наведе Ахмети, не може да се произнесе, бидејќи во тој период веќе не бил во Македонија, а по неговото заминување во Унгарија новото партиско раководство целосно го екскомуницирало и повеќе немал никаков контакт или информација за нивните активности и одлуки.

Оттука, сите оние кои говорат за некакви мои контакти, комуникација, средби, или влијание на одлуките на ова раководството на ВМРО-ДПМНЕ, се онолку неточни колку и истите такви лаги дека во изминатиот период сум имал наводни средби со преставници на власта, за преговори за едно или за друго прашање“, истакнува Груевски.

Инаку, Ахмети во интервју за ТВ 21 изјави дека последните измени на КЗ се крчкале цели 3 години, а во овој процес биле вклучени СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Притоа, спомена дека се одржувале и тајни средби меѓу него, Заев и Груевски. Но, како што нагласува, првиот пат од овие измени отстапил Заев, додека сега се повлекол Христијан Мицкоски.

Имало десетици средби во Клубот на пратеници за измена на КЗ и да се усогласи со европските стандарди. Во тие средби имало работни групи. Средбите се остварени на многу таен начин помеѓу Зоран Заев, Никола Груевски и мене. Сме разговарале со часови и со денови. Дојдовме до моментот каде се согласивме сите и на крај се повлече ВМРО – тврди Ахмети.

Тајни средби меѓу Заев, Ахмети и Груевски за Кривичниот законик, измените се крчкале 3 години!

Истовремено, Ахмети се појави на интервју и на „360 Степени“, каде многу внимателно ги бираше зборовите за поранешните коалициски партнери. Тој уверува дека измените на Кривичниот законик немаат врска со Груевски и негово враќање во земјава, како што обвинува албанската опозиција, туку со реформа на правосудството. Патем, ги обвини медиумите за негативната перцепција за Груевски.

Албанците не го сакаа Груевски зашто се создаде таква медиумска атмосфера во минатото. Ако еден човек се напаѓа медиумски секој ден, така се создава перцепција. Но, Груевски беше премиер на оваа држава 10 години, тој бил премиер и на Албанците, да не бидеме егоисти, да бидеме рационални, зашто како прво сме луѓе. Сега да шириш омраза… – рече Ахмети, додавајќи дека СДСМ преку медиумите ја создал негативната перцепција за Груевски.

(АРХИВА) Власта чека помош и од Груевски за уставни измени, ќе заигра ли пак ножот во грб во опозицијата?

Според него, прислушуваните разговори што ги обелодени Заев создале голем хаос во државата и ако тогаш ДУИ излегла од владата со ВМРО-ДПМНЕ кризата тешко ќе се менаџирала. Сепак, тој после избрите во 2016 година го растури партнерството со Груевски и формираше влада со Заев, кој пак на следните избори водеше кампања „ДУИ во опозиција“, а подоцна го промовираше концептот за заедничко владеење меѓу СДСМ и ВМРО, но без ДУИ.

Зоран излезе во кампања „ДУИ во опозиција“, и на албански јазик – рече Ахмети, кој на дополнителното барање за коментар во врска со информациите дека Заев и после овие избори, кога веќе практично се пензионираше, работел со Мицкоски на сценарио ДУИ да се прати во опозиција, рече дека имало работи што не може да ги сподели со јавноста.

Влатко Стојановски

Поврзани новости