Европската унија ќе го изгуби кредибилитетот, консолидацијата и нејзината улога доколку не одреди датум за почеток на преговорите за членство со Северна Македонија, е заедничката оценка од поранешните претседатели на Црна Гора Филип Вујановиќ и на Словенија Данило Тирк, како и на експремиерката на Хрватска Јадранка Косор и поранешниот претседавач на Советот на министри на БиХ Златко Лагумџија.
Тие учествуваат на регионалната конференција „Проширувањето на ЕУ на крстопат“, што се одржува денеска во организација на Кабинетот на поранешниот претседател на Република Северна Македонија Бранко Црвенковски и Подгоричкиот клуб.
Поранешниот претседател Бранко Црвенковски рече дека ЕУ ќе покаже дека нема визија ако не ѝ даде датум за преговори летово на земјава.
– Доколку ова лето не добиеме датум за преговори за мене тоа ќе биде доказ за отсуство на лидерство и визија во раките на ЕУ и не само визија за иднината на Западен Балкан, туку и визија за иднината на самата ЕУ и целиот европски континент, рече во обраќањето поранешниот претседател Бранко Црвенковски.
Минатата година, потсети, се потпиша Преспанскиот договор, со што се елиминираше најголемата пречка во процесот на нашето евроатланстко интегрирање, потсети тој, додавајќи дека промената на нашето уставно име и тоа за севкупна употреба беше болна и драматична за голем број наши граѓани што се потрврди и на референдумското изјаснување.
– Недобивањето датум за почеток на преговорите во јуни ќе предизвика големо разочарување, но и сериозно нарушување на клредибилитетот на ЕУ и на македонската Влада во очите на македонскиот народ и на сите граѓани на нашата земја, потенцира Црвенковски.
Тој, потсетувајќи дека оваа година ја добивме десеттата по ред препорака од страна на ЕК за почеток на преговорите, истакна дека оти девет пати претходно препораката не беше прифатена и, како што рече, стравуваме оти тоа може да се повтори и по десетти пат на јунскиот самит.
Зарем е можно, праша Црвенковски, земјите членки да демонстрираат толкава недоверба во извештаите и препораките на сопствената и од нив избрана Европска Комисија.
– Ние не бараме незаслужена награда, туку бараме и очекуваме да ни се пружи заслужена шанса да го почнеме процесот. Свесен сум дека на домашен план имаме големи слабости во многу области, знам дека некои од неопходните реформи доцнат или се спроведуваат со дискутабилен квалитет, порача Црвенковски, изразувајќи убедување дека токму отворањето на преговорите и соработка инсистирањето на исполнување на неопходни услови, наметнување рокови ќе биде поголем импулс за спроведување брзи и квалитетни реформи и исполнување на неопходните критериуми и стандарди.