Предлогот на Стопанската комора за укинување на можностите екстра лесното гориво, познато како црвена нафта, да се користи како погонско гориво, освен економски има и еколошки аспект. Според пресметките на Стопанската комора, изедначувањето на акцизата на двата енергенси може да резултира и со намалување на емисијата на сулфур во воздухот за 100 пати, односно од 50 илјади килограми на 500 килограми на годишно ниво.
Инаку, дизелот што се продава на бензиските станици мора да ги исполнува минимум Еуро 5 нормите за издувни гасови пропишани со македонскиот стандард МКС ЕН 590, односно не смее да содржат повеќе од 10 милиграми сулфур на килограм. Екстра лесното-1 гориво, што е наменето за домаќинства и индустрија, пак, не смее да содржи над 0,1 отсто м/м сулфур, што е еквивалент на 1 000 милиграми на килограм.
Освен разликата во цената од 11,5 денари (од кои девет денари е во акцизата) меѓу еуродизелот и маслото за греење или екстра лесното гориво, има и три клучни разлики во техничките карактеристики на овие горива кои се однесуваат на нивната чистота и согорување – цетанскиот број, содржината на сулфур и точката на течење.
Цетанскиот број значи брзината на палење под притисок, па така колку е повисок толку полесно согорува во моторот. Законски, еуродизелот со квалитет ЕН 590 мора да има минимален цетански број минус 51, додека за „црвената нафта“ тоа не е пропишано со закон, но се движи околу 40.
Количеството на сулфур, пак, се однесува на загадувањето при согорување, така што повеќе сулфур значи и повеќе загадување на животната средина. Разликата во дозволеното количество сулфур меѓу дизелот и екстра лесното гориво е 100 пати, со оглед дека дизелот не смее да содржи повеќе од 10 милиграми сулфур на килограм, додека екстра лесното 1.000 милиграми на килограм.
Трета битна разлика е точката на течност позната како замрзнување на горивото. Кај еуродизелот законски пропишан минимум во зимски период е минус 15 степени ( модерните дизел горива со адитиви немаат проблем со течноста и до минус 25 степени во зимскиот период), а кај екстра лесното гориво оваа точка е на минус 7 степени. Притоа, поради присуството на разни нечистотии, парафини и слично може да дојде до појава на кристали и запушување на филтрите за гориво и системот за довод и при првите пониски температури во зима.
Како што е познато, предлогот на Стопанската комора за изедначување на акцизата на дизелот и екстра лесното гориво, како и укинување на можноста за користење на екстра лесното како погонско гориво и проширување на употребата на дизелот и како енергенс за затоплување, беше првично прифатен од владата, меѓутоа против беа опозицијата, комората на „помалите“ компании, превозниците…