Популарниот бенд ,,Црвена јабука” за прв пат ќе има свој концерт во Неготино. Групата која опстојува на сцената речиси 40 години и беше од најплодните во поранешна Југославија, ќе настапи на градскиот плоштад во склоп на манифестацијата Неготинска вечер, во организација на општината.
Веста за концертот за ,,Фокус” ја потврди градоначалникот д-р Горан Стојанов, кој открива дека покрај ,,Црвена јабука”, истата вечер во градот доаѓаат и ДНК и Бојана Скендеровски.
-Манифестацијата Неготинска вечер ќе се одржи на 18-ти септември, во недела, и веќе е дефинирана програмата. Ќе гостуваат ДНК, Бојана и ,,Црвена јабука”. Настанот се одржува пред почетокот на традиционалната стопанска манифестација Неготински панаѓур, кој ќе трае од 21-ви до 23-ти.
Се надеваме дека со изборот на музичките гости ќе ги задоволиме вкусовите на сите посетители. На плоштадот за време на Неготинска вечер ќе има штандови со пијалок, очекуваме голем број на гости од сите краеви. Буџетот кој општината го одвои за овој настан изнесува еден милион денари – ни изјави градоначалникот.
,,Црвена јабука” чиј фронтмен и вокал е Дражен Жериќ – Жера, изминатиот период има чести настапи во земјава. Со песните на бендот растеа многу генерации и нивните хитови се добро позната лектира на постарите, но и на помладите генерации.
Тие имаат богат авторски репертоар и нивните концерти секогаш поминуваат во одлична атмосфера.
Вики Клинчарова